АКТЕРСКАТА НАГРАДА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО „ПЕТРЕ ПРЛИЧКО“ ЗА СЛОБОДАН СТЕПАНОВСКИ

    АКТЕРСКАТА НАГРАДА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО „ПЕТРЕ ПРЛИЧКО“ ЗА СЛОБОДАН СТЕПАНОВСКИСтепановски ќе ја добие наградата, која се состои од плакета „Петре Прличко“ и паричен дел од 30 илјади денари во некоја друга прилика, кога ќе може да се изведе театарска претстава во негова чест. (Фото: Битолски театар)

    Битолскиот актер Слободан Степановски, член на тамошниот театар, е добитник на актерката награда „Петре Прличко“ за 2020, одлучила едногласно жири комисијата. Одлуката ја соопшти градоначалникот на Велес, Аце Коцевски на прес-конференција, поради тоа што членовите на комисијата биле спречени да присуствуваат.

    „Степановски како тимски играч, истрчал 43 години долга и пребогата кариера, маркирана со дури 90 одиграни ролји, Прличковец без дамка и задршка. Голем актер, достоен на небесниот ктитор на оваа награда“,  напиша во образложението жирито за одлуката за наградата. Жирито беше во состав: Сашо Димовски театролог, Деан Дамјановски театарски режисер и актерот Драган Миладиновски.  Тие добиле пет предлози: Игор Џамбазов од Македонскиот народен театар (МНТ), Слободан Степановски од Битолски театар, Магдалена Ризова-Черних од Театар Комедија, Горан Илиќ од Кумановски театар и Дубравка Киселички исто така од Кумановскиот театар.

    Градоначалникот Коцевски кажа дека поради состојбата со ковид-19, наградата ќе биде врачена во некоја пригода, кога ќе може да се изведе театарска претстава во чест на добитникот. Наградата се состои од плакета „Петре Прличко“ и паричен дел од 30 илјади денари. Таа вообичаено се доделуваше за Денот на Општината,  9 ноември.

    П. ПЕЧКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира