АЛБАНИЈА УТРЕ ЌЕ Ѝ ВРАТИ НА МАКЕДОНИЈА 21 ИКОНА УКРАДЕНИ ОД ЦРКВИТЕ ВО СТРУШКО ПРЕД ДЕСЕТИНА ГОДИНИ

    АЛБАНИЈА УТРЕ ЌЕ Ѝ ВРАТИ НА МАКЕДОНИЈА 21 ИКОНА УКРАДЕНИ ОД ЦРКВИТЕ ВО СТРУШКО ПРЕД ДЕСЕТИНА ГОДИНИВо Македонија се враќаат 21 икона кои пред десетина години беа нелегално изнесени од земјата. (Фото: Министерство за култура)

    Утре (15 декември) во Македонија од Албанија се враќаат 21 украдена икона од македонските цркви, кажа синоќа министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во две ТВ-интервјуа. Иконите ќе бидат донесени во Музејот на Македонија, каде работи стручниот тим кој работеше на нивно препознавање, а потоа ќе ѝ бидат вратени на МПЦ.

    Станува збор за икони украдени од црквите во Струшко, а кои, како што лани кажа историчарот на уметност д-р Сашо Цветковски од МАНУ, македонските експерти вo 2013 случајно преку медиумите во Албанија во ТВ-прилог за Еди Рама мзабележаа дека таму се украдените икони од земјава.

    „Во еден период од 2008 до 2013 имаше силен бран на насилно влегување во црквите, особено во Западна и Југозападна Македонија, каде што се однесоа стотици икони. Ние насетувавме, но не бевме сигурни дека патот ќе нѐ води кон Албанија. Во 2013 откако ги добивме првите информаци, тие беа сосема случајно на медиумите од национална телевизија на Албанија, каде што тогашниот премиер Еди Рама направи увид да се види кои се материјалите кои се запленети. Веќе следниот ден се организираше целата постапка, за во декември 2013 , мала екипа на професионалци, меѓу кои јас, колеги од МВР, отидовме во Тирана во Галерија на современа уметност, каде што беа депонирани, и нашиот прв впечаток беше фрапантен. Таму имаше илјадници предмети украдени од различни места од различни предели на Албанија, Грција, Македонија“, рече Цветковски лани во ноември.

    Министерката синоќа кажа дека примопредавањето во Тирана ќе го извршат со министерката за култура на Албанија, Елва Маргарити, и оти ова  е прва успешна реституција на културни добра реализирана во историјата на нашата држава. Реституцијата следи откако заврши двегодишната процедура за тоа да биде законски направено. Во процесот биле вклучени повеќе институции како: Министерствата за внатрешни и за надворешни работи, Царинската управа, Министерството за култура.

    „Стручниот тим е веќе во Тирана, тие ќе бидат соодветно спакувани во одредени кутии, за да не се оштетуваат при превозот. Тоа е сѐ договорено и со МВР, за да ги донесеме побрзо, не како секојдневно патување. Утре стручниот тим ќе ги отвори кутиите и тие треба да поминат меѓу 30 до 45 дена, да бидат затворени за да не се оштетат заради промена на атмосферски притисок, по што ќе може да бидат изложени“, рече Костадиновска-Стојчевска.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира