АНА ОПАЧИЌ ГО СНИМИ ДЕБИТО „ТРЕТА СМЕНА“

    АНА ОПАЧИЌ ГО СНИМИ ДЕБИТО „ТРЕТА СМЕНА“Во текот на на 22 дена филмот се снимаше на повеќе локации низ Преспанскиот Регион. (Фото: „Пик продукција“)

    Режисерката Ана Опачиќ на 21 септември заврши со снимањето на дебитанскиот долгометражен  филм „Трета смена“.  Продуцентот Слободан Трајковски од „Пик продукција“ ни рече дека снимањето траело 22 дена, снимале на повеќе локации низ Преспанскиот Регион. Агенцијата за филм овој филм го поддржа со 230.000 евра на конкурсот за 2022 во прв рок на одлучување.

    „Трета смена“ се реализира како меѓународна копродукција, со учество на филмски уметници од Македонија, Обединетото Кралство, Хрватска, Србија и Црна Гора. Во филмот играат Сенко Велинов, Искра Ветерова, Јелена Јованова, Драшко Зидар, Петар Мирчевски, Борис Чоревски, Борче Начев, Душица Стојановска-Настовска, Александар Михајловски. Кинематографер е британскиот директор на фотографија Џон Крејн.

    „Зад овој филм стојат години работа, развој и истрајност. Ова е проект што долго го подготвувавме и го очекувавме моментот кога приказната конечно ќе оживее пред камерата. Разновидноста на продуценти ни овозможи да собереме исклучително креативна и искусна екипа, во која секој член го вложи своето знаење, талент и професионално искуство во создавањето на филмот“, ни изјави Трајковски.

    Следна фаза е постпродукцијата. Во следниот период ќе се работи на монтажата, обработката на сликата и звукот, музиката, визуелните ефекти и подготовката на финалната верзија на филмот. Откако ќе заврши постпродукцијата ќе се работи на фестивалско претставување на филмот.

    „Нашата цел е ‘Трета смена’ да стигне до домашната публика, но и да изгради свој меѓународен фестивалски живот. Веруваме дека станува збор за филм што нема само накратко да се појави на платното, туку ќе остане во сеќавањето на гледачите и ќе остави своја трага“, вели продуцентот.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира