АТЛАСОТ НА МАКЕДОНСКАТА МОДЕРНА АРХИТЕКТУРА ВЕЧЕРВА НА ИЗЛОЖБА ВО МКЦ

    АТЛАСОТ НА МАКЕДОНСКАТА МОДЕРНА АРХИТЕКТУРА ВЕЧЕРВА НА ИЗЛОЖБА ВО МКЦПроектот регистрира и мапира повеќе од 500 индивидуални архитектонски дела изградени во периодот 1945-1985. (Фото: МКЦ)

    „Атлас на македонската модерна архитектура“ е насловена изложбата која ќе се отвори вечерва (20 часот) во Галерија 2 во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје. Автори на проектот се Aна Ивановска-Дескова, Јован Ивановски, Владимир Десков, Теа Дамјановска, Михајло Стојановски и соработниците.

    Проектот регистрира и мапира повеќе од 500 индивидуални архитектонски реализации изградени во периодот 1945-1985, од кои преку 100-тина се документирани, а повеќе од 40 избрани градби се претставени во форма на тродимензионални архитектонски модели.

    Основна цел на истражувачкиот проект е препознавање, документирање, проучување и вреднување на модернистичкото архитектонско наследство од втората половина на 20. век на територијата на Македонија. Преку јавно претставување и промоција на вредните архитектонски остварувања во периодот 1945-1985 година, проектот има  цел да укаже на обемот, квалитетот и прогресивниот модернизациски и еманципаторски карактер на овој сегмент од поновата македонска архитектонска историја.

    „Периодот по Втората светска војна за Македонија е означен со силен бран на модернизација, која има за цел да ја обнови земјата излезена од војна, да ја индустријализира, да го образува и еманципира нејзиното население, што ќе води кон реализација на комплексни проектантски задачи како патишта, индустриско-технолошки постројки, како и мноштво градби од јавен карактер во доменот на образованието, здравството, културата, управувањето итн“, велат авторите.

    Во планирањето и обликувањето на македонските градови доминантна парадигма се поставките на ЦИАМ и Атинската повелба, насочени кон јасно функционално зонирање на градските содржини и морфолошки автономни градби опкружени со зеленило и уредени јавни простори. Во делот на архитектонското обликување, силниот повоен бран на модернизација претставува комбинација од скромните предвоени искуства, знаењата кои посредно доаѓаат од Западот преку архитектите кои се школувале и твореле во поразвиените југословенски архитектонски центри, надополнети со првите генерации школувани македонски архитекти.

    „Во првите повоени години бројни македонски автори се под силно влијание на концептите на Интернационалниот стил, влијанијата од Баухаус и творештвото на Ле Корбизје. Во подоцните декади оваа тенденција продолжува, дополнета со доцно-модерните влијанија кои доаѓаат од разни архитектонски центри од Европа и светот, што особено се забележува во постземјотресната обнова и изградба на Скопје. Во помал или во поголем обем овие влијанија последователно се шират и низ останатите македонски градови, преку творештвото на локални автори или преку ангажманот на некои од најзначајните личности на македонската модерна архитектура. Избраните примери го привлекоа нашето внимание заради нивната програмска, типолошка и обликовна разноликост, преку која всушност можеме да ги реконструираме и особеностите и квалитетот на македонскиот архитектонски пејзаж во втората половина на 20. век“, додава тимот.

    Изложбата е резултат на едногодишниот истражувачки проект кој Здружението на граѓани за поддршка и промоција на културата Континео со средства од Министерството за култура и ќе трае до 15 декември.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира