АЦО ДУКОВСКИ ДОБИ МЕДАЛ „БРАЌА МАНАКИ“ ЗА ПРИДОНЕС ВО РАЗВОЈОТ НА ФЕСТИВАЛОТ НА ФИЛМСКАТА КАМЕРА ВО БИТОЛА

    АЦО ДУКОВСКИ ДОБИ МЕДАЛ „БРАЌА МАНАКИ“ ЗА ПРИДОНЕС ВО РАЗВОЈОТ НА ФЕСТИВАЛОТ НА ФИЛМСКАТА КАМЕРА ВО БИТОЛАДуковски (трет од десно) со претседателката на ДФРМ Марија Димитрова и филмски работници на фестивалот во Битола. (Фото: „Браќа Манаки“)

    Долгогодишниот филмски работник и актер Ацо Дуковски доби медал „Браќа Манаки“ за особен и долгогодишен придонес кон  Интернационалниот фестивал на филмската камера (ИФФК) „Браќа Манаки“ во Битола. Признанието го доделува Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ ),  а му беше врачено на годинешното  47. издание на фестивалот.

    Работата на Дуковски е тесно поврзана со македонската кинематографија и кинокултура. Од 1984/85 до 2003 година беше директор на компанијата „Градски кина – Скопје“, која во тој период управуваше со широка мрежа киносали во градот. Како актер глумеше во повеќе филмски и телевизиски продукции, меѓу кои „Време, води“, „Црвениот коњ“, „Преку езерото“, „Џипси мецик“, „Бал-кан-кан“, „Панкот не е мртов“ и „Деца на сонцето“.

    „Во годините на неговото раководење со ‘Градски кина’, Дуковски беше и голем поддржувач на ‘Браќа Манаки’. Неговите професионални контакти и ангажман придонесуваа во обезбедувањето филмови и гости за фестивалот, особено во период кога организацијата и меѓународната комуникација се одвиваа во значително поинакви услови од денешните“, соопшти ДФРМ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира