АВСТРАЛИСКИОТ РЕЖИСЕР ПИТЕР ВИР ЌЕ ДОБИЕ ЗЛАТЕН ЛАВ ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО НА ВЕНЕЦИСКИОТ ФЕСТИВАЛ

    АВСТРАЛИСКИОТ РЕЖИСЕР ПИТЕР ВИР ЌЕ ДОБИЕ ЗЛАТЕН ЛАВ ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО НА ВЕНЕЦИСКИОТ ФЕСТИВАЛВир во 2022 доби почесен Оскар за животно дело. (Фото: Гети)

    Австралискиот режисер и сценарист Питер Вир ќе добие Златен лав за животно дело на Венецискиот филмски фестивал. Вир (79) е режисер на филмовите „Друштвото на мртвите поети“, „Шоуто на Труман“, „Господар и заповедник“, „Година на опасно живеење“.

    Осумдесет и првото издание на фестивалот ќе се одржи од 28 август до 7 септември.

    „Филмскиот фестивал во Венеција и неговиот Златен лав се дел од историјатот на нашата професија. Да се биде издвоен како добитник на награда за животно дело како режисер е голема чест“, изјави Вир.

    Директорот на Фестивалот Алберто Барбера рече дека со вкупно 13 филмови снимени во текот на 40 години, Вир си заслужи место меѓу великаните на модерната кинематографија.

    „И покрај разновидноста на темите што ги обработува, не е тешко да се открие константа во неговиот смел, ригорозен и спектакуларен филмски опус: чувствителност што му овозможува да се занимава со многу актуелни теми, како што е фасцинацијата со природата и нејзините мистерии, кризата на возрасните во потрошувачките општества, тешкотиите за едукација на младите за животот, искушението за физичка и културна изолација, но и мамката на авантуристичките импулси и инстинктот за бунт. Прославувајќи го вкусот за раскажување приказни и вродениот романтизам, Вир ја зајакна својата улога во холивудскиот врв, истовремено држејќи се на дистанца од американската филмска индустрија“, изјави Барбера.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира