БАГЕРИ ЗА ИСКОП НА ЈАГЛЕН ОШТЕТИЈА ДЕЛ ОД ЛОКАЛИТЕТОТ ВЛАХО КАЈ ЖИВОЈНО, НАЈСТАРА НЕОЛИТСКА НАСЕЛБА ВО ЗЕМЈАВА

    БАГЕРИ ЗА ИСКОП НА ЈАГЛЕН ОШТЕТИЈА ДЕЛ ОД ЛОКАЛИТЕТОТ ВЛАХО КАЈ ЖИВОЈНО, НАЈСТАРА НЕОЛИТСКА НАСЕЛБА ВО ЗЕМЈАВАОштетувањата на локалитетот од 64. век пред н. е. се направени за време на подготовките на теренот за експлоатација на јаглен. (Фото: Центар за истражување на предисторијата)

    Преку ископи на земја со механизација неодамна сериозно е оштетен археолошкиот локалитет „Влахо“ кај битолското село Живојно, најстарото неолитско наоѓалиште во Македонија, реагира Центарот за истражување на предисторијата, коj со години го истражува во соработка со македонски и европски археолози.

    Оштетувањата на локалитетот, кој е веќе внесен во националниот регистар на наоѓалишта, се направени за време на подготовките на теренот за експлоатација на јаглен. Притоа, преку ископи на земја со механизација, уништени се дел од предисториските ровови и градби што се протегаат на источниот и северниот периферен дел од неолитската населба.

    „Благодарение на одговорноста на жителите од Живојно и брзата интервенција на Заводот и музеј Битола и Управата за заштита на културно наследство, оштетувањето на овој ексклузивен локалитет во Македонија е запрено. На тој начин спречено е поголемо девастирање на оваа предисториска населба која во последниве години е истражувана од неколку меѓународни истражувачки екипи и тоа со поддршка на Европската Унија, Фондацијата Западен Балкан, германската Фондација за истражување на тумбите и македонското Министерство за култура“, велат од Центарот.

    Резултатите од истражувањата на Влахо во Пелагонија покажаа дека населбата е основана пред околу 8.400 години. Притоа, преку деталните геомагнетни снимања на теренот се утврди уште една карактеристика, незабележана во толкав обем кај ниту еден друг познат неолитски локалитет. Имено, се покажа дека на него се присутни дури десетина ровови, од кои, за жал, неколку се веќе оштетени.

    Поради зачувување на овие уникатни обележја,  на еден од најстарите неолитски локалитети во Европа, неопходна е негова трајна заштита и темелно истражување, додаваат археолозите.

    Тимот што го истражува Влахо, составен од специјалисти од повеќе македонски и европски институции и организации, во изминатите години издаде научни трудови посветени на овој локалитет, а уште неколку се во фаза на објавување и тоа во реномирани издавачки куќи од Кембриџ и Њујорк. Овие публикации и врвните археолошки сознанија презентирани во нив придонесуваат за мошне брзото афирмирање на ова наоѓалиште меѓу домашната и светската академска заедница која, поради тоа, апелира за трајна заштита на ова наоѓалиште како културно наследство не само од национално, туку и од пошироко значење.

    „Сите ние, како припадници на стручната јавност и како граѓани на оваа држава, имаме должност и обврска да се залагаме и да ги поддржуваме заштитата, проучувањето и презентирањето на овој исклучително значаен археолошки локалитет“, велат од Центарот.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира