БАЛЕТОТ МИ ДАВА ШАНСА ДА СУМ ДРУГА ЛИЧНОСТ, НО И ДА ОСТАВАМ НЕШТО СВОЕ, ВЕЛИ БАЛЕРИНАТА МАРИЈА ЈОСИФОВСКА-РИСТОВСКА ЗА 25-ГОДИШНИОТ ЈУБИЛЕЈ ВО НОБ

    БАЛЕТОТ МИ ДАВА ШАНСА ДА СУМ ДРУГА ЛИЧНОСТ, НО И ДА ОСТАВАМ НЕШТО СВОЕ, ВЕЛИ БАЛЕРИНАТА МАРИЈА ЈОСИФОВСКА-РИСТОВСКА ЗА 25-ГОДИШНИОТ ЈУБИЛЕЈ ВО НОБЈосифовска-Ристовска ќе го прослави јубилејот со улогата на Гудула во балетот „Есмералда“ на 18 октомври. (Фото: НОБ)

    Секоја улога е дел од мене, секоја претстава еден успех повеќе, со надеж за поголемо уживање на публиката, вели балерината Марија Јосифовска-Ристовска, која со улогата на Гудула во балетот „Есмералда“, в среда (18 октомври) ќе прослави 25 години уметничка дејност во Националната опера и балет (НОБ).

    „Кога го работите она кое вистински го сакате, професија како што е балетот, следен со многу пожртвуваност, одрекување, стрес, но во исто време и исполнетост со страст, енергија, љубов, за мене овие 25 години минаа многу брзо, не секогаш онака како што можеби планираме, иако гледајќи наназад, на патот кој го изодев на сцената никогаш не би променила ништо“, вели Јосифовска-Ристовска за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    „Кога го работите она кое вистински го сакате, професија како што е балетот, за мене овие 25 години минаа многу брзо“, вели балерината. (Фото: НОБ)

    За тоа што си посакува за следниот јубилеј, таа вели дека кариерата на една балерина е со краток век, затоа можа само да се надева за следниот јубилеј да успее да се поклони на младите уметници/балерини и да им посака да уживаат во секој момент на сцената.

    „Да го почувствуваат возвишувањето додека танцуваат, бидејќи балетот е една од ретките професии која овозможува да си во телото на друга личност, но и да оставиш нешто свое“, додава таа.

    Балетот „Есмералда“ од италијанскиот композитор Чезаре Пуњи важи за еден од бисерите на балетската уметност. Приказната за убавата Есмералда, инспирирана од романот „Ѕвонарот на Богородичната црква“ од Виктор Иго, ќе се изведе под диригентство на Бисера Чадловска, во кореографија на Михаил Крапивин од Русија.

    Во насловната улога е примабалерината Мими Поп Алексова-Атанасовска, во улогата на Феб е Балаж Лочеи (Унгарија), а Христина Наќевска ќе игра како Флер де Лис. Клод Фроло е Мирослав Митрашиновиќ, а Квазимодо е Ендру Кук (Англија).

    Сценографијата е на Живојин Трајановиќ, костимите на Љупка Ристовска, концерт-мајстор е Климент Тодороски. Настапуваат балетски солисти, балетскиот ансамбл и Oркестарот на НOБ.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира