„БАЛЕТСКИ ТРИПТИХ“ НА ГАЛИЛИ И ЗУРОВАЦ ПРЕМИЕРНО ВО МОБ В СРЕДА

    „БАЛЕТСКИ ТРИПТИХ“ НА ГАЛИЛИ И ЗУРОВАЦ ПРЕМИЕРНО ВО МОБ В СРЕДАБалерината Ивана Коцевска, кореографот од Хрватска Сташа Зуровац, директорката на Балетот Олга Панго и израелскоиот кореограф со светска кариера Ицак Галили од Израел денеска ја најавија премиерата (Фото: МИА)

    Агонија на срцето“, „Софа“ и „Песна над песните“ се трите балетски парчиња , кои под заеднички наслов „Балетски триптих“ в среда (18 октомври) во 20 часот премиерно ќе се изведат во Македонската опера и балет (МОБ). За првите две дела , кореографијата ја работеше светски познатиот кореограф Ицак Галили (Израел), на музика на Филип Глас и на Том Вејтс. 

    Третото парче е обновена претстава, во кореографија на Сташа Зуровац (Хрватска) на музика на македонскиот композитор Марјан Неќак. „Песна над песните“ беше премиерно изведена во МОБ во 2012 година, и оттогаш не е играна.

    Во двата дела на Галили играат солистите првенци на МОБ, како Мими Поп Алексова- Атанасовска, Марија Кичевска-Шокаровска, Ивана Коцевска, Саша Евтимова, Бобан Ковачевски, Игор Веланоски. Во „Песна над песните“ главните улоги ги играат примабалерината Александра Мијалкова и првенецот на Балетот, Васил Чичијашвили (Грузија).

    Уметничката директорка на Балетот Олга Панго денеска рече дека сите три парчиња се различни и не се поврзани меѓу себе.

    Галили пак, јавно му се извини на Зуровац дека не му го погледнал делото и призна оти прв пат ќе го види в среда. Галили, кој ѝ е познат на македонската публика по гостувањата на „Танц фест“, говореше дека во претставите особено важен му е дизајнот на светло.

    Како што секоја жена не излегува од дома без шминка, така и за мене претставата не е готова додека не го дефинирам светлото. На светлото во претставата гледајте како на шминката на жената“, рече Галили.

    Репризата на „Балетски триптих“ е на 24 октомври.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира