БАЛКАНОТ Е ДЕЛ ОД МОЕТО СЕКОЈДНЕВИЕ, ВЕЛИ БРИТАНСКАТА ПОП-ЅВЕЗДА РИТА ОРА ПРЕД КОНЦЕРТОТ ВО ОХРИД

    БАЛКАНОТ Е ДЕЛ ОД МОЕТО СЕКОЈДНЕВИЕ, ВЕЛИ БРИТАНСКАТА ПОП-ЅВЕЗДА РИТА ОРА ПРЕД КОНЦЕРТОТ ВО ОХРИДРита Ора за првпат ќе пее во Македонија на 1 август, во Охрид (Фото: Фејсбук)

    Британската поп-ѕвезда со косовско потекло Рита Ора (36) на 1 август за првпат ќе настапи во Охрид. Во разговор за САКАМДАКАЖАМ.МК Ора, која е пејачка, текстописец и актерка, и живее и работи во Лондон, вели дека иако како едногодишно дете со родителите се преселиле во Велика Британија, таа растела со балканската традиција и култура. Вели дека е возбудена што ќе пее во град како Охрид.

    „Чувството е неверојатно посебно. Родена сум во Приштина, па настапите во овој дел од светот секогаш се многу емотивни за мене. Охрид е толку убаво и историско место, и многу сум возбудена што ќе бидам таму, опкружена со фанови од целиот регион. Навистина едвај чекам да го доживеам тоа и, секако, да приредиме незаборавно шоу“, вели Ора.

    Претходно, во видеопораката за фановите Ора рече: „Се радувам што ќе пеам толку блиску до дома“.

    Истата вечер, на стадионот „Билјанини извори“ ќе се одржат три концерти. Освен Ора, настапува и словенечката трап пејачка Сенидах и македонското дуо „2Бона“. Концертот го организира продукцијата „Прагма“.

    ​И покрај долгите турнеи низ светот и постојаната медиумска присутност, Ора вели дека секојдневието ѝсе сведува на едноставни работи кои ѝ помагаат да ја зачува рамнотежата.

    ​„Обично тие сосема нормални, секојдневни работи ми помагаат да се ресетирам. Обожавам да поминувам време со семејството и пријателите кога и да имам шанса, тоа ме прави да се чувствувам како дома, каде и да се наоѓам во светот. Понекогаш исклучувањето е едноставно како гледање филм или релаксација во бања. Исто така, се трудам да медитирам и да вежбам секој ден бидејќи тоа навистина ми помага да се подготвам за денот што претстои“, вели таа.

    ​Интензивниот ритам на турнеите бара строги дисциплини и ритуали за да се издржи секој чекор од патувањето. Грижата за гласот и телото се клучни за нејзиниот сценски настап.

    ​„Грижата за моите гласни жици е секогаш дел од мојата рутина пред концерт. Секогаш јадам многу мед и ѓумбир, добро се загревам и задолжително ги правам вокалните вежби. Исто така, се трудам во распоредот да вклопам тренинг во теретана или пилатес, и никогаш не го пропуштам истегнувањето пред да излезам на сцена. Дефинитивно сум во најдобро издание кога спијам осум часа, но тоа не е секогаш возможно кога патувате, па станав мајстор за кратка дремка. И пијам многу вода. Турнеите можат да бидат интензивни, па тие мали рутини се навистина важни, ми помагаат да се грижам за себеси и да се осигурам дека можам да го дадам максимумот од себе“, вели Ора.

    Научив да кажам не и да му верувам на сопствениот инстинкт, вели Рита Ора (Фото: Фејсбук)

    ​Иако се преселила во Велика Британија уште како дете и стекна глобална слава, Ора вели дека никогаш не ги заборавила своите корени и со гордост зборува за своето потекло.

    ​„Тоа секогаш било дел од моето секојдневие. Секогаш сме зборувале на нашиот мајчин јазик, како и на англиски во нашето семејство, а нашите омилени јадења и начинот на кој готвиме секогаш биле инспирирани од нашите балкански корени. Исто така, пораснав опкружена со силна косовска заедница во Лондон, па со многу од моите најблиски пријатели имам заедничко потекло. Додека растев, поминувавме многу време во регионот, не само во Косово, туку и во Албанија, Црна Гора и други околни земји за време на одморите. Сè уште сакам да се вратам дома кога и да можам, без разлика дали е тоа за работа или за да се видам со семејството и пријателите. Моето потекло е дел од тоа која сум била, и сè уште сум“, вели таа.

    ​Гледајќи наназад кон своите почетоци и споредувајќи ги со денешното искуство на полнење стадиони ширум светот, таа вели дека шоубизнисот ја научил на најважната животна лекција.

    ​„Научив да кажам ‘не’ и да му верувам на сопствениот инстинкт. Кога почнувате, има толку многу луѓе што нудат мислења и совети, и лесно е да изгубите од вид што навистина сакате и што е најдобро за вас. Научив да слушам, но на крајот да им верувам на сопствените инстинкти и да ги носам одлуките што ми изгледаат правилни за мене“, вели Ора.

    Нејзиниот деби албум „Ора“ излезе во 2012 и се искачи на првото место на топ-листата во Велика Британија. Со трите најголеми хитови од албумот, таа стана пејачка со најмногу број еден хитови во Велика Британија таа година. Нејзиниот втор албум „Феникс“ беше објавен во ноември 2018. Водечкиот сингл „Твојата песна“ (Your Song) се најде во топ 10 во Велика Британија, како и следните синглови, по што Ора стана првата британска соло пејачка со 13 песни меѓу најдобрите 10 синглови.

    Ора беше водителка на доделувањето на музичките награди на „Ем-Ти-Ви“ во 2022. Во 2023 го објави третиот албум, а на водечкиот сингл ѝ гостуваше Фетбој Слим.  На 11 октомври 2025, Кајли Миног објави дека Ора ќе биде гостинка на американскиот дел од нејзината турнеја.

    М. ЏАРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира