БИБЛИОТЕКАТА СО 5.200 КНИГИ ЗА МОДЕРНАТА УМЕТНОСТ ИЗЛЕЗЕ ОД ДЕПОТО НА МСУ СО ПОМОШ НА „ЕУРОЛИНК“

    БИБЛИОТЕКАТА СО 5.200 КНИГИ ЗА МОДЕРНАТА УМЕТНОСТ ИЗЛЕЗЕ ОД ДЕПОТО НА МСУ СО ПОМОШ НА „ЕУРОЛИНК“Новоотворената Библиотека и истражувачкиот центар на Музејот на современа уметност е реализиран со донација од „Еуролинк осигурување“, а претседателката Олга Костовска најави дека компанијата ќе вложи дополнителни 1.100.000 денари за едногодишни активности на МСУ (Фото: СДК.МК)

    Пет илјади и двесте книги и над 2.000 магазини од фондот на Музејот на современа уметност (МСУ), кои долго време беа во депото, сега се достапни на уметниците, студентите, критичарите и љубителите на уметност во новоотворената Библиотека и истражувачкиот центар на музејот. Новото катче во МСУ, кое се наоѓа десно горе по скалилата од главниот влез, е реализирано со донација од  компанијата „Еуролинк осигурување“, која со над 335.000 денари  целосно ги покри трошоците за внатрешното уредување и новиот инвентар.

    Пет илјади и двесте книги и над 2.000 магазини од фондот на Музејот се во поголем број посветени на современата и модерната уметност и ќе бидат достапни за истражување (Фото: СДК.МК)

    “Знаењето е нефункционално доколку не го ставите во пракса. Ние тргнавме од таа премиса и посакавме сите публикации, книги и магазини кои ги имаме да ги ставиме на располагање. За жал, овие книги кои се во голем број долго време беа недостапни, а дури и дејноста на библиотеката од одредени причини била затворена. Горди сме дека располагаме со публикации кои се во поголем број посветени на современата и модерната уметност, за разлика од НУБ ’Св. Климент Охридски’. Во втората фаза од проектот, книгите ќе бидат поставени на веб страната на Музејот, каде што секој што ќе се регистрира ќе може да ги симне“, рече директорот на МСУ, Лазе Трипков.

    Олга Костовска, претседател на надзорниот одбор на „Еуролинк осигурување“  најави дека компанијата ќе вложи дополнителни 1.100.000 денари за активностите на МСУ во рамки на една година.

    „Во годината кога славиме 15 години постоење, продолжуваме да го даваме нашиот придонес во зачувувањето на уметничкиот израз и прогресивниот дух на нашата заедница. Интересно е што Музејот почнува да се гради во токму април 1969, и бил завршен на роденденот на Градот Скопје. Тогаш пригоден говор одржал Блаже Конески, кој дал аманет: ’Нека се раскрилува белиот лебед на мирниот брег на Скопје’. Јас би кажала нека ја живее својата втора младост“, рече Костовска.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира