„БИКИНИ МУН“ НА МАНЧЕВСКИ СО АМЕРИКАНСКА ПРЕМИЕРА ВО КАЛИФОРНИЈА

    „БИКИНИ МУН“ НА МАНЧЕВСКИ СО АМЕРИКАНСКА ПРЕМИЕРА ВО КАЛИФОРНИЈА„Царствата на умот се бескрајни и чудесни“, е најавата за филмот на фестивалот Синеквест; - Кондола Рашад во „Бикини Мун“

    „Бикини Мун“, петтиот филм на Милчо Манчевски, на 3 март ќе ја има американската премиера на фестивалот Синеквест во Сан Хозе, Калифорнија. „Царствата на умот се бескрајни и чудесни“ го најавува филмот програмата Живот, каде ќе биде прикажан четири пати. Реномираниот Синеквест е избран за најдобар филмски фестивал од читателите на „УСА тудеј“ и се одржува во Силиконската Долина.

    Изминатава недела, најновиот филм на Манчевски, што е американско-германска копродукција, ја имаше европската премиера на Фантаспорто во Порто, Португалија и на белградски ФЕСТ, каде режисерот е на чело на меѓународното жири. На ФЕСТ беше прикажан и документарец за творештвото на Манчевски.

    Во текот на месецот „Бикини Мун“ ќе игра и на еден од најголемите американски фестивали на независен филм во Сарасота, а во Европа ќе се прикаже и на фестивалот во Софија.

    Кондола Рашад – која беше три пати номинирана за бродвејската награда Тони („Ромео и Јулија“ со Орландо Блум, „Куќа за кукли – втор дел“) и која во моментов игра во серијата „Милијарди“ – ја глуми Бикини Мун Дејвис. Бикини е харизматична жена војник со психички проблеми која го привлекува вниманието на документарна екипа; тие сакаат да ја искористат нејзината приказна за сопствена слава.

    Во оваа модерна бајка која се потпира врз нарушениот идеал за семејство настапуваат и Сара Голдберг, Вил Јановиц и Сатја Сридхаран, а директор на фотографија е Џошуа З. Вајнастајн.

    „‘Бикини Мун’ е психолошки портрет кој има формат на лажен документарец и зборува за тоа како медиумите (вклучувајќи го и филмот) го експлоатираат поединецот. Денес секаде и секој снима и тоа го гледаме сите: од прислушување и безбедносни камери до самослик на Фејсбук. ‘Бикини Мун’, како и моите досегашни филмови зборува за природата на вистината, лагата и илузијата“, изјави Манчевски.

    „Бикини Мун“ ја имаше светската премиера на фестивалот во Сао Пауло каде ја освои бразилската критика. „Брилијантен авторски филм“, „Милчо, провокативен како и секогаш, прави особено оригинален и силен коментар за информатичкото општество“, „Делото на Манчевски флертува со надреализмот со цел да ја прикаже стварноста. Тој е режисер-филозоф“, напишаа меѓу другото бразилските критичари.

    Манчевски, кој дипломираше на филмска академија во САД, ја започна професионалната кариера со филмови и спотови во Њујорк, каде и живее, освојувајќи ја и нагрaдата на Ем-Ти-Ви), каде и живее. После номинацијата за Оскар и наградата Индепендент спирит, соработуваше со холивудските студија и работеше на серијата „Жица“ (The Wire) за Ејч-Би-О. Неговиот филм „Пред дождот“ е најнаградувано македонско уметничко дело (Златен лав во Венеција и уште 30 други меѓународни награди), а „Њујорк тајмс“ го вброи во 1.000 најдобри филмови на сите времиња. Неговиот последен македонски филм, „Мајки“ е снимен пред осум години, а во меѓувреме тој го сними кубанско-американски експериментален филм „Крајот на времето“, кој освои четири меѓународни фестивалски награди, и „Бикини Мун“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира