Важно е да ја препознаеме силата на уметноста и да ја поттикнеме да ја шири својата есенција, да едуцира, да создава здрав звучен амбиент кој ќе му пркоси на шундот и кичот, рече виолинистот Владимир Костов на синоќешното отворање на 64. Охридско лето во Антички театар, пренесувајќа ја пораката во име на уметниците.
„Креативност не значи да бидеш различен, ниту комплексен. Креативност значи да бидеш едноставен како Бах, восхитувачки едноставен во лавиринтот на комплексната звучна полифонија. Справувајќи се со комплексноста на современиот свет, да не ја заборавиме важноста на уметноста во нашите животи. Да ги поддржуваме и славиме уметниците, да инвестираме во уметничката едукација и да бидеме сигурни дека уметноста ќе остане длабоко интегрирана во нашето општество“, рече Костов, концерт-мајстор во Филхармонијата.
Фестивалот го отворија литванскиот виолинист со светска кариера Џулијан Рахлин и Филхармонијата.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која е и покровителка на фестивалот, прогласувајќи го за отворен, рече дека во музиката и во играта се вградени личната и колективната тага и радост, стремежот и надежта.
„Тука се изворот и причината за нашата страст кон пеењето и играњето. Уметноста е трезор на индивидуалната, но и на колективната меморија, влог во сегашноста, но и во иднината“, рече Сиљановска-Давкова.
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, кажа дека Охрид и фестивалот Охридско лето, беа и остануваат епицентар на македонската култура во кој децении наназад се испреплетуваат илјадници културни збиднувања и настани.
Охридско лето ќе трае до 2о август, ќе има 36 уметнички настани, од кои 25 од областа на класичната музика, шест театарски претстави, едно стенд-ап шоу и по една изложба и промоција на книга.
М. ЏАРОВСКА