Драган Спасов – Дац, в.д директор на Македонскиот народен театар (МНТ), одлучи да ги вработи тројцата млади режисери, чие вработување беше поништено по одлуката на Апелациониот суд.
На почетокот на октомври, режисерката Нела Витошевиќ ја доби тужбата против МНТ и го поништи конкурсот за вработување режисери од пред три години.
Витошевиќ тужела затоа што била убедена дека не ја примиле на работа затоа што не се согласувала со политичката опција што тогаш беше на власт. Тогаш одлуката за вработување на режисерите ја потпишал уметничкиот директор Дејан Пројковски. На тогашниот конкурс, беа вработени младите режисери Нина Николиќ и Дамјан Читкушев.
Од Министерството за култура тогаш изјавија дека ќе ја почитуваат одуката на судот и де факто,на режисерите кои во 2014 година биле примени, им престанува работниот однос.
Дац вели дека бидејќи тоа не е негова одлука, побарал истата комисија која првично одлучила за вработувањата на Николиќ и Читкушев, да се состане поворно и да одлучи кој од тројцата режисери да отпадне, затоа што двајца треба да влезат во МНТ.
„Јас реков дека нема да се мешам, ќе постапам како што ќе каже комисијата и ќе ја потпишам одлуката. Во тој момент, комисијата напиша одлука дека ги прима Витошевиќ и Николиќ. Читкушев отпадна. За да ја скратам агонијата, затоа што знаев дека и Дамјан ќе тужи, уште пред да се донесе конечната одлука од комисијата, ги собрав тројцата режисери и им кажав дека кој и да отпадне, јас ќе побарам одобрување за режисерско место. Побарав од министерот за финансии Драган Тевдовски, и тој ми одобри трето , за веднаш да биде примен тој што ќе отпадне“, кажа в.д. директорот, додавајќи оти ја чека уште потврдата од Министерството за култура.
„Бидејќи бев затекнат од ситуацијата, сметам дека така е најправилно, за да нема судења и тужби “ вели Дац.
Во пресудата од Апелациониот суд, стои: „Согласно со горенаведеното, а како тужениот не доставил доказ дека одлуката е донесена во согласност со Законот, а од аспект на тоа дека по огласот се избрани кандидати кои ги исполнуваат условите, правилно првостепениот суд го усвоил тужбеното барање на тужителката и ја поништи како незаконита одлуката за избор на кандидати за вработување на режисери бр. 0402 – 5325/1 од 25.12.2014 година донесена од уметничкиот директор (Дејан Пројковски) на НУ Македонски Народен Театар – Скопје“.
Б. НЕСТОРОСКА