Од денеска од 10 часот во Археолошкиот музеј во Скопје е отворена ексклузивната изложба „100 години Требениште“, со над 400 артефакти од некрополата во Требениште, Охрид, заедно со прочуените златни маски кои се наоѓаат во музеите во Бугарија, Србија и Македонија.
Изложбата ќе биде отворена до август, секој ден, освен понеделник, од 10 до 18 часот. Влезницата чини 200 денари, за студенти до 26 години и пензионери е 100 денари, а за деца до 7 години влезот е бесплатен.
Политичкиот врв од земјава, како и политичари од Србија и од Бугарија, дипломати, директори, археолози и вработени во музеите синоќа присуствуваа на свеченото отворање на изложбата, која се организира во чест на 100-годишнината од откривањето на некрополата во 1918. Гостите ја видоа изложбата, но разгледувањето синоќа не беше дозволено за новинарите и фоторепортерите.
Некрополата Требеништа, која се наоѓа кај селото Горенци во близината на Охрид, била случајно откриена впри копање ровови од бугарски војници. Бројните златни, сребрени и бронзени предмети од гробовите биле пренесени во Музејот во Софија каде се наоѓаат и денес. Истото се случува и со следните наоди од истражувањата во 1932 и 1934 кои ги извел Народниот Музеј од Белград, каде се наоѓаат и денес. Со македонските ископувања во Требеништа во 1972 од Заводот и Музеј од Охрид, биле откриени погребувања и од помладите хронолошки рамки на оваа некропола, а наодите кои се наоѓаат во Охрид исто така ќе бидат дел од изложбата. Меѓу нив е и златната маска најдена кај Горна Порта во 2011.
„Отвораме изложба која е средба со историјата стара 27 векови. Изложбата е приказна за скапоцените траги на една исклучително богата култура откриена пред сто години во близината на Охрид или некогашен Лихнидос. Мистериозната историска и културна загатка во Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија е обединета со сите три дела од нејзината севкупност. Таа е резултат на исклучително значајната иницијатива на трите институции: Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија, Народниот музеј во Белград и Националниот археолошки институт и музеј при Бугарската академија на науки во Софија. Сега епилогот на заокружената приказна за загатката Требениште има шанси заеднички да ја решат националните историски археолошки институции на Бугарија, Србија и Северна Македонија, а зошто да не и во соработка со соодветни инстититуции понатаму од Грција“, рече премиерот Зоран Заев.
Директорката на Народниот Музеј од Белград Бојана Бориќ-Брешковиќ рече дека богатствотото во Требениште, древните гробници, скапоцените наоди од златни маски, сандали, војничка опрема и врвната уметност ги обедини националните институции од трите балкански земји.
„За нас – луѓето кои ја составивме оваа изложба, претставува чест што имавме можност да го почувствуваме нештото кое било желба и кое го посакувале многу наши претходници, нешто кое многуте наши поколенија учени музејски работници од Софија, Белград и од Скопје“, кажа Христо Попов од Институот при БАН.
Откако премиерот Заев се пошегува да не оди превод на англиски јазик на сите говорници, бидејќи, како што рече, „сите сѐ разбираме, и македонски, и српски и бугарски“, Попов му даде знак на преведувачот да не го преведува неговото обраќање. Директорот на Институтот, за соработката и помошта особено му се заблагодари на Паско Кузман, поранешен директор на Управата за заштита на културното наследство.
Директорот на Археолошкиот музеј Горан Санев рече по Скопје, изложбата вгодина ќе оди за Софија, а во 2021 во Белград, и дека за неа се заинтересирани археолошките музеи од Париз, Берлин, Виена и Загреб.
Автори на изложбата се Перо Арџанлиев од Скопје, Вера Крстиќ од Белград и Крсто Чукалев од Софија. Издаден е и каталог на 408 страници со текстови од 26 автори – музејски работници од трите држави,
како и од Чешка и од Германија. На дизајнот на каталогот работел тим предводен од архитектот и професор Јован Ивановски.
Б. НЕСТОРОСКА