ЏЕЈМИ ЛИ КЕРТИС ЌЕ ДОБИЕ НАГРАДА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО НА ВЕНЕЦИСКИОТ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ

    ЏЕЈМИ ЛИ КЕРТИС ЌЕ ДОБИЕ НАГРАДА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО НА ВЕНЕЦИСКИОТ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛНа фестивалот, вон конкуренција ќе игра и новото продолжение од нејзиниот филм „Ноќ на вештерките“. (Фото: Гети)

    Холивудската ѕвезда Џејми Ли Кертис ќе добие награда за животно дело на Венецискиот филмски фестивал во септември, соопштија организаторите. На фестивалот, вон конкуренција ќе се прикаже и новото продолжение од нејзиниот филм „Ноќ на вештерките“.

    Фестивалот ќе се одржи од 1 до 11 септември.

    Кертис дебитираше во хоророт на режисерот Џон Карпентер „Ноќ на вештерките“ во 1978, а улогата на Лори Строд ја повтори уште неколкупати во оваа филмска франшиза.

    „Неверојатно сум почестена со оваа награда и тоа на овој начин, преку  ‘Ноќ на вештерките’ и моето партнерство со Лори Строд, која ја лансираше и ја одржа мојата кариера. Овие филмови станаа франшиза која е сакана од публиката низ светот и беше, е и ќе остане подарок“, изјави 62-годишната актерка.

    Глумицата додава дека италијанскиот филм отсекогаш го ценел жанрот кој ја прослави и дека оттаму, не може да биде повеќе горда што ќе ја прими наградата.

    „Ја примам во име на Лори и сите храбри хероини на светот кои стојат исправено пред непремостливите пречки и одбиваат да попуштат“, рече таа.

    Според директорот на венециската Мостра Алберто Барбера, Џејми Ли Кертис припаѓа на онаа група холивудски актерки кои најдобро ги рефлектираат квалитетите кои се душата на светската филмска индустрија и нејзиното наследство.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира