ЏЕЗ-ОРКЕСТАРОТ УШТЕ НЕ ГО ДОБИ ПРОСТОРОТ ПОД ОПЕРАТА ОТИ ПРВО ТРЕБА ДА СЕ САНИРА ПЛАТОТО КОЕ ПРОТЕКУВА

    ЏЕЗ-ОРКЕСТАРОТ УШТЕ НЕ ГО ДОБИ ПРОСТОРОТ ПОД ОПЕРАТА ОТИ ПРВО ТРЕБА ДА СЕ САНИРА ПЛАТОТО КОЕ ПРОТЕКУВАРеконструкцијата почна на 14 март и беше најавено дека бидат завршени до крајот на мај или јуни. (Фото: К. Попов)

    Националниот џез-оркестар сѐ уште не може да се всели во просториите под Националната опера и балет (НОБ), бидејќи протекувало платото над просторот за џез-оркестарот и треба да се санира, вели Министерството за култура. Џез-оркестарот ги доби просториите како траен дом од претходната Влада, а станува збор за простор од околу 500 квадратни метри, каде ќе има простории за работа на оркестарот, простории за проби, магацин за инструменти, канцеларии за администрација, студио за снимање и режија. Проектот е вреден 10 милиони денари (над 160.000 евра).

    Реконструкцијата почна на 14 март и беше најавено дека бидат завршени до крајот на мај или јуни.

    Од Министерството за култура ни рекоа дека предвидените работи за прва фаза согласно договорот се целосно реализирани. За првата фаза од изведбата извршен е технички прием и периодично испитување на инсталацијата од страна на инспекциско тело и доставен е стручен извештај.

    „Заради утврдено протекување од платото над просторот наменет за потребите на Национална установа Џез-оркестар, во тек е процедура за објавување на јавна набавка за санација на платото како би се обезбедиле услови за понатамошно опремување на просторот наменет за потребите на НУ Џез-оркестар. Без оваа интервенција не може да се продолжи со преостанатите позиции предвидени со проектот за реконструкција и адаптација на просторот“, ни рекоа од Министерството на нашето прашање до каде е реконструкцијата на проектот.

    Оттаму додаваат дека предвидените позиции за реализација од првата фаза од проектот (фаза архитектура, машинство, електрика и водовод и канализација) се изведени квалитетно и во согласност со Основниот проект и Предметот утврден помеѓу ТАВ ТЕПЕ АКФЕН и Министерството за култура.

    За целосно завршување на проектот потребно е да се изведат завршни градежно-занаетчиски работи, како: дрвен под, акустични ѕидни облоги, опремување на просторот со мебел и опрема како и санација на платото на објектот.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира