ДОКУМЕНТАРЕЦОТ ЗА ИЗРАЕЛСКАТА АДВОКАТКА ШТО БРАНИ ПАЛЕСТИНЦИ ПОБЕДИ ВО СОЛУН

    ДОКУМЕНТАРЕЦОТ ЗА ИЗРАЕЛСКАТА АДВОКАТКА ШТО БРАНИ ПАЛЕСТИНЦИ ПОБЕДИ ВО СОЛУНРежисерката на „Адвокатка“ Рејчел Леа Џонс со Златен Александар за најдобар документарец во Солун (Фото: Солунски фестивал)

    „Адвокатка“ на дебитантите Рејчел Леа Џонс и Филип Белаш освои Златен Александар и 8.000 евра на 21. Солунски фестивал на документарци што заврши синоќа. Филмот е за исклучителниот живот и кариера на Леа Цемел, која 50 години на суд е бранителка на Палестинци, и тоа без предрасуди – од феминистки до фундаменталисти, од ненасилни демонстранти до вооружени милитанти. Цемел беше фестивалското изненадување оти ненајавено дојде на премиерата на филмот.

    Леа Цемел беше фестивалското изненадување оти ненајавено дојде на премиерата на филмот (Фото: Солунски фестивал)

    „Адвокатка“ ја освои и наградата на критичарите ФИПРЕСЦИ.

    Специјалната награда на жирито и 2.000 евра освои автобиографскиот документарец „Полноќен патник“ на авганистанскиот режисер Хасан Фазили, кој го документирал неговото бегство од Авганистан откако талибанците сакале да го убијат. Тој заедно со сопругата и двете мали ќерки морал да патува ноќе, низ непознати предели, и во филмот од прва рака ги покажува опасностите со кои се соочуваат бегалците.

    Наградата на Амнести интернешенел ја осови „#Женско задоволство“ на швајцарската авторка Барбара Милер, која низ приказните на 5 жени од пет континенти го открива кршењето на нивните човекови права засноано само врз фактот дека се жени.

    М. КОСТОВА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари