ДВОЈНО СКОКНА ЦЕНАТА ЗА КОМЕРЦИЈАЛНО КОРИСТЕЊЕ НА СПОМЕН-КУЌИТЕ НА ВЕЛЕШКИОТ МУЗЕЈ И СПОМЕН-КОСТУРНИЦАТА

    ДВОЈНО СКОКНА ЦЕНАТА ЗА КОМЕРЦИЈАЛНО КОРИСТЕЊЕ НА СПОМЕН-КУЌИТЕ НА ВЕЛЕШКИОТ МУЗЕЈ И СПОМЕН-КОСТУРНИЦАТАВо март, во Спомен-костурницата се снимаше научно-фантастичен филм во продукција на Украина, Македонија, Србија и Хрватска. (Фото: СДК.МК)

    Корисниците на услугите на велешките спомен-музеи за фотографирање и снимање за комерцијални цели ќе плаќаат повисок надомест. Со одлука на Советот на Општината, наместо 500 денари од ден, ќе плаќаат илјада денари. Претходната цена беше со важност од 2014 година. Ова се однесува на спомен-куќите на Васил Главинов, на Кочо Рацин, Спомен-костурницата, на музејските збирки во зградата на Народен музеј и за објектите од Меморијалниот комплекс во Горно Врановци.

    „Зачестија барања за снимања спотови и други активности на медиумските куќи со што се зголемуваат трошоците во работењето со дополнително одржување на хигиената, користење на електрична енергија, неколкучасовно ангажирање на вработен. Ангажиран е вработен кој во работните денови мора да го напушти работното место, истиот треба да се грижи за редот и дисциплината на објектот во кој се вршат снимањата или фотографирањата. Најчесто овие активности се случуваат за време на викенд и празници, со што се нарушува законскиот предвиден рок за одмор на вработените согласно Законот за работни односи“, е објаснувањето на причината за покачувањето на цената одлуката на велешкиот Народен музеј.

    Во последните денови во март, во Спомен-костурницата во Велес се снимаше научно-фантастичен филм од украинско производство, во копродукција со Македонија, Србија и Хрватска. Висината на финансискиот надоместок за користење на спомен-куќите на физички лица останува непроменета, 300 денари во работен ден, 500 во неработен.

    Ако фотографирањето и снимањето на објектите и музејските збирки се во функција на популаризација и презентација на институцијата и културното наследство, надомест не се наплатува.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира