ЕЛИЗАБЕТА БАКОВСКА ВЕЧЕРВА ИМА ПРОМОЦИЈА НА ЗБИРКА КРАТКИ РАСКАЗИ ВО КИНОТЕКА

    ЕЛИЗАБЕТА БАКОВСКА ВЕЧЕРВА ИМА ПРОМОЦИЈА НА ЗБИРКА КРАТКИ РАСКАЗИ ВО КИНОТЕКА„Во главата слушам песна“ од Баковска ја издаде „Или-Или“. (Фото: С. Димоски)

    Писателката, поетеса и преведувачка Елизабета Баковска денес во 18 часот во Кинотеката ќе ја промовира својата збирка кратки раскази „Во главата слушам песна“, во издание на „Или-Или“.

    „Кратките раскази (кратки кратки раскази, микрораскази или микрофикција, како што би можеле да се наречат) во збирката ‘Во главата слушам песна (лирски рефрени)’– внимателно структурирани, уметнички ефективни и емотивно топли – издвојуваат значајни лични моменти од животот на авторката и откриваат аспекти и односи кои обично се затскриени или чии импликации не се видливи сè додека самите раскази не ги откријат нивните потенцијални значења. Тие не само што раскажуваат приказна, туку претставуваат и размислување за можните значења на настанот опишан во приказната, каде што доаѓа до израз и емпатијата на авторката и способноста да ја преземе на себе, а со тоа и да ја сфати, перцепцијата на другите“, вели писателката и професорка Калина Малеска, која ќе говори на промоцијата.

    Баковска дипломирала и магистрирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на катедрата за англиски јазик и книжевност. Докторирала на тема од областа родови студии на Институтот Евро-Балкан. Преведува, пишува поезија, проза, раскази за деца и книжевна теорија и критика. Нејзина поезија, проза и критички текстови се преведени и објавени на повеќе јазици.

    Нејзини објавени книги се: „Житие на нашата љубов“, поезија (Маседониа Прима, 2003), „Четири годишни времиња: раскази за суштински нешта, раскази“ (Блесок, 2004), „Состојби на духот и телото по триесеттата“, поезија (Блесок, 2005), „На пат кон Дамаск“, роман (Слово, 2006), „Варварите сè уште пишуваат поезија“, поезија (самостојно издание, 2015), „Сопствена соба, сопствено гето: Женското писмо во современата македонска проза“, книжевна теорија/критика (самостојно издание, 2016), „Тринаесет осврти за книжевни и слични дела“, книжевна критика (Блесок, 2018), „Последните голтки“, раскази (самостојно издание, 2018).

    Промоцијата е во рамки на Фестивалот на музички документарни филмови Скопје Синема сити.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира