ЕМОТИВНИ РЕАКЦИИ И БУРНИ АПЛАУЗИ ЗА „СЕСТРА, БРАТ И ШАХТА“ НА МАНЧЕВСКИ НА АФРИКАНСКАТА ПРЕМИЕРА НА ФЕСТИВАЛОТ ВО КАИРО

    ЕМОТИВНИ РЕАКЦИИ И БУРНИ АПЛАУЗИ ЗА „СЕСТРА, БРАТ И ШАХТА“ НА МАНЧЕВСКИ НА АФРИКАНСКАТА ПРЕМИЕРА НА ФЕСТИВАЛОТ ВО КАИРОМанчевски на африканската премиера на новиот филм на 47. Меѓународен филмски фестивал во Каиро, Египет од А-категорија. (Фото: КИФФ)

    „Сестра, брат и шахта“, новиот филм на Милчо Манчевски синоќа имаше африканска премиера на 47. Меѓународен филмски фестивал во Каиро, Египет од А-категорија. Филмот беше прикажан во Официјалната селекција, надвор од конкуренција, затоа што веќе се натпреваруваше на фестивалот од А-категорија во Токио каде победи, освојувајќи ја главната награда Гран При на Гувернерот на Токио и бројни офалби во светските медиуми.

    Во легендарната Каирска опера, публиката бурно реагираше за време на филмот, се смееше и имаше емотивни реакции, соопшти продуцијата на филмот. Финалниот аплауз беше заглушувачки, а разговорот со публиката по проекцијата, кој го водеше програмерката Меги Морган, траеше до доцна во ноќта, за потоа Манчевски да продолжи да дава автограми и самослици надвор од салата, и серија интервјуа за египетските и светски медиуми. На проекцијата присуствуваа и најзначајните египетски критичари, меѓу кои и критичарката на „Холивуд репортер“.

    Филмот доби бројни пофалби и интервјуа по триумфот во Токио. Интервјуа објавија и „Холивуд репортер“, „Варајети“, „Дедлајн“, британскиот „Ај он синема“…. Сите светски медиуми се осврнуваат и на неколкугодишната борба на Манчевски со филмската мафија, пишуваат опширно за фактот дека неговото творештво беше блокирано со години и дека тој беше изложен на политичко малтретирање затоа што пријави корупција во Агенцијата за филм, но и дека тој доби две судски пресуди против Агенцијата, како и поддршка од Антикорупциска комисија, Венецискиот филмски фестивал, Транспаренси интернешанел… Неговите два филма во 2026 се резултат на судските победи. Деновиве и секретаријатот на Транспаренси интернешанел во Берлин објави осврт на случајот под наслов „Случајот на еден филмски режисер влијае врз нов закон за укажувачи“.

    Светската критиката го издвојува неговиот бескомпромисен режисерски пристап, жанровска иновација и извонредна актерската игра, која на оваа црна комедија и социјална критика ѝ дава човечко лице.

    Во рецензија за филмот „Синеуропа“вели: „Вистинска кулминација во препознатливиот стил на Манчевски: човечките односи и трагедијата, проткаени со остра опсервација на општествените прилики и многу ироничен хумор“… „Скрин дејли“ вели: „Сатирична алегорија за сè поголемата нееднаквост меѓу богатите и сиромашните, како и сè пофлуидното сфаќање на семејството. Актерските остварувања се во функција на пошироката визија на Манчевски: повторното обединување на изгубените семејства и, пред сè, критиката на разорните последици од доцниот капитализам и огромната поделба меѓу богатите и сиромашните. Секојдневната корупција, распространетата злоупотреба и сиромаштијата постојат речиси рамо до рамо со невидениот раскош и богатство. Во фокусот на Манчевски е урнатиот систем, кој останува зад себе по неисполнетите политички ветувања“… „Сала гранде“ пишува: „Манчевски се враќа на долгометражната играна форма, на свој препознатлив и единствен начин, со трогателна и исклучително духовита ода на двајца неодоливи аутсајдери. Нивната приказна ја следиме со посебна блискост и разбирање, низ поглед на авторот, кој знае како да се вљуби во протагонистите кои ги создава и како да ја пренесе таа љубов и на публиката. Тој ги обликува со голема човечност и автентичност“.

    „’Брат, сестра и шахта’ е духовит и емотивен поглед на семејството, љубовта и посветеноста… Подготвеноста на Малина и Виктор да направат сè што треба за взаемно да се заштитат е она што ги прави ликовите толку впечатливи и непредвидливи. Духовит и емотивен поглед на семејството, љубовта и посветеноста, спакуван во форма на криминалистичка комедија“, вели „Фор тајм филм скул дропаут“… „Мрачна комедија исполнета со остри опсервации на општествената стварност во која владее прекрасно изместена логика. Бронзените херои исчезнуваат од своите постаменти, но корупцијата и лицемерието на живите се многу потешки за отстранување. Наместо да ги прикажува своите обесправени протагонисти со сентименталност, режисерот им дава привлечна, нескротлива човечност. Распарчени општества, морална двосмисленост и поединци заробени меѓу личната борба за опстанок и колективната општествена дисфункционалност. Филм кој на крајот открива најголемо богатство во длабоките врски меѓу луѓето. ‘Сестра, брат и шахта’ е живописен и горчливо-сладок потсетник дека сочувството може да опстане дури и таму каде што речиси сè друго е продадено во старо железо.“, вели „Филмуфорија“… „Извонредни актерски остварувања на Сара Климоска, Филип Трајковиќ и Соња Михајлова. Во структурата на филмот вткаени се бројни инвентивни решенија. Филмот е истовремено длабок и заводлив“, вели „Хајонфилмс“.

    „Сестра, брат и шахта“ е чудна комедија за оние што имаат и оние што немаат – во исто време лута сатира и суптилна поема за брат и сестра кои живеат на маргините на општеството. Филм за антихерои кој – во неповторливиот стил на Милчо Манчевски – отфрла секаква жанровска класификација, мамејќи и солзи и смеа. Иако се случува во денешна Македонија, филмот содржи универзално размислување за тоа како луѓето живеат и се поврзуваат во современиот свет.

    Ова е негов деветти долгометражен филм, а осми игран. Во 2026 тој го реализираше и долгометражниот документарец „Добри луѓе“ за трагедијата во Кочани, кој самиот го финансираше. Приходите од овој документарец во целост одат за жртвите во Кочани. Со ова во иста година тој претстави два филма пред меѓународната публика.

    Главните улоги ги играат Сара Климоска, Филип Трајковиќ, Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Јордан Симонов, Дејан Лилиќ, Јасмина Василева, Стефан Николовски, како и Ана Костовска, Иван Ѓошевски, Виктор Арсов, Марина Поп Панкова, Александар Степанулески и Марин Гавриловски.
    Дејвид Манс од Велика Британија е дизајнер на продукција. Директор на фотографија е Стефано Фаливене од Италија. Монтажер на филмот е Благоја Неделковски, а автор на музиката Игор Василев Новоградска. Кастинг директорка е Милка Анчевска, костимите се на Жаклина Крстевска, а шминката на Бистра Кечиџиева од Бугарија. Продуцент на филмот е Јане Ќортошев.

    Освен Агенцијата за филм која го поддржа филмот после незаконска тригодишна блокада на Манчевски, филмот го помогнаа и националните филмски фондови и приватни инвеститори од Бугарија, Србија, Албанија, Италија и Англија. Филмот се снимаше со меѓународна екипа на локации низ и околу Скопје. Копродуценти се „Гала филм“ од Бугарија, „Сенс продакшн“ од Србија, „Амаркорд продакшн“ и „Аугустус колор“ од Италија, „Беркли медиа груп“ од Англија и Тирана филм институт од Албанија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира