Последниот викенд од јули започнува Фестивалот во Бајројт, кој оваа година го одбележува својот 150-годишен јубилеј. Како и секоја година, настанот претставува магнет за љубителите на операта од целиот свет и за високи гости, особено од германската политика. Меѓу нив се актуелниот германски канцелар Фридрих Мерц и неговата претходничка Ангела Меркел, која со години е редовен гостин на фестивалот.
Точно пред 150 години, на 13 август 1876 година, по долгогодишни спорови околу финансирањето на амбициозниот проект на Рихард Вагнер, бил отворен првиот Бајројтски фестивал.
Филозофот Фридрих Ниче, пријател на Вагнер и посетител на фестивалот, тогаш ја опишал иницијативата како „прво патување околу светот во царството на уметноста“.
Програмата за големиот јубилеј е разновидна и амбициозна. Публиката ќе може да проследи нова поставка на монументалниот циклус „Прстенот на Нибелунзите“ на Рихард Вагнер, во чија реализација учествува и вештачка интелигенција. Воедно, ќе биде претставена и нова продукција на операта „Риенци“, делото што му го донесе првиот голем успех на Вагнер кога имал само 29 години.

Бајројт 1876: Гравура на фестивалската зграда во годината на свеченото отворање на фестивалот. (Фото: Архива на Шарк/Фото 12)
Овие две продукции го заменуваат првичниот план на организаторите, кој поради финансиски причини не беше реализиран. Намерата била во јубилејната година да бидат изведени сите тринаесет завршени опери на Вагнер.
И свеченото отворање ветува спектакл. Денеска (25 јули) во фестивалската сала нема да се слуша музика од Вагнер, туку Деветтата симфонија на Лудвиг ван Бетовен – големиот идол на германскиот композитор. Во 1872 година самиот Вагнер ја диригирал токму оваа симфонија во Маркгрофската опера во Бајројт, по повод поставувањето на темелите на својата фестивалска куќа.
И покрај одредени отстапки од првичните планови, програмата делува ветувачки и иновативно, во духот на познатото мото на Вагнер: „Деца, создавајте ново“.
Сепак, непосредно пред отворањето, врз фестивалот падна сенка поради контроверзијата поврзана со еврејскиот публицист Мишел Фридман.
На прв поглед, скандалот изгледаше како организациски пропуст. За комеморативната манифестација „Замолчени гласови“, закажана за вториот ден од фестивалот во чест на бројните еврејски уметници чие творештво на „Зелениот рид“ било прекинато од омразата кон Евреите, прогоните и убиствата, беше поканет Мишел Фридман.
Познатиот публицист требаше да говори за антисемитизмот и за соочувањето со нацистичкото минато на фестивалот.
„Особено во годината кога одбележува 150 години постоење, Фестивалот во Бајројт е свесен за својата историска одговорност – како во однос на антисемитските ставови на Рихард Вагнер, така и во однос на подоцнежната тесна поврзаност на фестивалот и делови од семејството Вагнер со националсоцијализмот и неговите претставници“, соопштија организаторите.
Поради недоволни безбедносни мерки, на Фридман подоцна му било предложено комеморативниот говор да го одржи во друг термин. Ваквиот несмасен пристап создаде впечаток дека Бајројт се обидува да ја заобиколи сопствената историја обременета со антисемитизам.
По извинувањето од раководството на фестивалот, Фридман сепак ќе настапи на настанот. Музичката програма ќе вклучува дела од еврејските композитори Густав Малер и Павел Хас, како и „Идилата на Зигфрид“ од Рихард Вагнер.
„Мојата радост е голема што можам да му посакам добредојде на Мишел Фридман во фестивалската сала“, изјави директорката на фестивалот и правнука на Вагнер, Катарина Вагнер.

Директорката Катарина Вагнер сака јубилејната продукција да отвори нови патишта, па затоа се потпира на помошта на вештачката интелигенција. (Фото: ДПА)
Една од најзначајните премиери оваа година е операта „Риенци“, која никогаш досега не била изведена на Бајројтскиот фестивал.
Вагнер ја напишал во стилот на француската „Голема опера“ („Grand Opera“), а подоцна сметал дека музички не припаѓа на кругот дела што треба да се изведуваат во неговата фестивалска куќа.
Операта е базирана на вистинска приказна од 14 век за подемот и падот на римскиот народен трибун Кола ди Риенцо, кој се борел против аристократијата. Темата го фасцинирала Вагнер, но и не само него. „Риенци“ била едно од омилените дела на Адолф Хитлер.
„Она што на Хитлер му се допаднало кај Риенци е ликот на човек што се издига и благодарение на својата харизма станува единствен владетел“, објаснува Свен Фридрих, директор на Музејот на Рихард Вагнер во Бајројт.
Прашањето дали е соодветно токму една од омилените опери на Хитлер да има премиера во јубилејната година предизвикува поделени мислења. Но, унгарските режисерки Александра Семереди и Магдолна Пардитка сакаат делото да го доближат до современата публика.
„Не се фокусираме веднаш на класичната форма на диктатура, туку ги истражуваме границите на процесот преку кој популизмот постепено може да го претвори едно општество во авторитарен систем“, велат тие.
Со големо исчекување се очекува и новата поставка на циклусот „Прстенот на Нибелунзите“. И ова дело тематизира моќ, алчност и интриги. Според приказната, оној што ќе го присвои златото од Рајна ја стекнува врховната моќ.
Токму за овој оперски циклус, кој трае околу 16 часа, Рихард Вагнер во 1876 година ја изградил својата прочуена фестивалска сала.
Директорката Катарина Вагнер сака јубилејната продукција да отвори нови патишта, па затоа се потпира на помошта на вештачката интелигенција.
„Ќе работиме со делумно генерирани визуелни слоеви во живо, при што холографски ќе се создаваат тродимензионални простори“, објаснува кураторот Маркус Лобес.
За потребите на проекциите, тимот избрал архивски материјали од изведбите на „Прстенот“ од 1876 до 2024 година, кои ќе служат како база за обработка од страна на вештачката интелигенција.
„Целата конструкција треба да создаде чувство на една голема звучна слика“, вели Лобес.
Авторите ветуваат „визуелно зовриен космос од светлина, текстури, историја и асоцијации“. Изненадувања не се очекуваат само за публиката. И самиот тим предводен од Маркус Лобес со нетрпение очекува да види каков конечен резултат ќе создаде вештачката интелигенција.



