ФИЛМАЏИИ ОД МАКЕДОНИЈА ОБЕДИНЕТЕ СЕ, АПЕЛИРАШЕ ДОКУМЕНТАРИСТОТ КАЛАЈЏИСКИ НА „БРАЌА МАНАКИ“

    ФИЛМАЏИИ ОД МАКЕДОНИЈА ОБЕДИНЕТЕ СЕ, АПЕЛИРАШЕ ДОКУМЕНТАРИСТОТ КАЛАЈЏИСКИ НА „БРАЌА МАНАКИ“Документраистот Никола Калајџиски на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола имаше премиера на неговиот документарец „Тоа беше добар филм“, со кој фестивалот се вклучи во одбележувањето на 70-годишниот јубилеј од основањето на поранешната единствена продуцентска куќа во земјава „Вардар филм“ (Фото: СДК.МК)

    Филмаџии од Македонија обединете се, рече денеска режисерот и сценарист Никола Калајџиски на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола, по прикажувањето на неговиот документарен филм „Тоа беше добар филм“, со кој фестивалот се вклучи во одбележувањето на 70-годишниот јубилеј од основањето на поранешната единствена продуцентска куќа во земјава „Вардар филм“.

    Документарецот беше во продукција на МТВ, реализиран со помош на Кинотека на Македонија, а составен од интервјуа на филмски работници од Македонија, како и од инсерти од постари архивски материјали на филмови и личности од македонската филмска индустрија.

    „70 години да градите куќа во која е собрана целата интелектуална културолошка елита на Македонија, да го дигенте реномето до ѕвезди, и со право, да го имате Милчо Манчевски, Киро Ценевски, Столе Попов со врвни награди. Подготвувајќи ги филмот изгледав едно 30 до 40 филмови и гледам дека тоа е една извонредно моќна материја како да е работена вчера. И наспроти тоа, гледате преку ноќ таа куќа што сте ја граделе во еден миг исчезнува и ја нема. Се прашувате зошто ја нема?  Тоа ме натера да упатам порака малку соцреалистички, како онаа комунистичката „Пролетери од целиот свет обединете се“. Мојата порака беше филмаџии од Македонија обединете се, ѝ требаме на македонската култура“, рече Калајџиски.

    Некогаш единствената државна продуцентска куќа „Вардар филм“ беше формирана 1947 година со што беа удрени темелите на кинематографскиот развој , особено во доменот на филмската продукција во Македонија. „Вардар филм“ скоро половина век потоа беше синоним на македонското филмско творештво. Имаше сопствен професионален творечки кадар , режисери, сценаристи, сценографи, продуценти, артисти, оформена документаристичка школа. Филмските проекти кои ги создаваше учествуваа на многу фестивали и беа наградувани.  Денес „Варадар филм“ не постои, а филмаџиите работат одделно на различни проекти.

    На „Вардар филм“ на свеченото отворање на фестивалот „Браќа Манаки“, Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) му ја додели наградата Голема ѕвезда на македонскиот филм.

    „За жал, Вардар филм веќе не постои, па затоа нема кој да ја прими наградава. Ова е на некој начин постхумно доделување на наградата и тоа ја покажува нашата негрижа за културата и традицијата“, рече Роберт Насков, претседател на ДФРМ на отворањето на фестивалот „Браќа Манаки“.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира