Новата, дигитално реставрирана копија на првата македонска филмска комедија „Мирно лето“ на режисерот Димитрие Османли, од 1961 година ќе биде прикажана в петок, (11 јуни) во летното кино на Кинотеката.
Кинотеката најавува дека петочната проекција истовремено ќе биде пренесувана во живо и ќе може да се следи на Јутјуб преку линкови објавени на нивната Фесјбук и веб-страната.
На проекцијата ќе ѝ претходи 10-минутно видео во кое Атанас Чупоски, виш филмолог во Кинотеката, ќе направи кратка анализа на филмот и неговото значење за македонската кинематографија.
Од Кинотеката велат дека за доловување на атмосферата од 1960-тите години на минатиот век, „кога ‘Мирно лето’ ги полнеше киносалите, инспирираше патувања до Охрид, женска мода, престој во (тогаш) новоотворениот луксузен хотел ‘Палас’, и воопшто, беше репер за едно безгрижно, весело живеење во кругот на семејството и блиските пријатели“, ќе биде задолжен Џон Илија Апелгрин со својот бенд со свој краток перформанс.
„Апелгрин е внук на Илија Џувалековски, кој се појавува во една од водечките улоги во оваа комедија, па оттаму ја користиме оваа прилика – да ги поканиме и наследниците и на другите учесници во снимањето на филмот – да дојдат, и пред проекцијата да споделат дел од своите семејни спомени со присутните. Тие спомени се скапоцени сведоштва за историјата, за филмот, за нашето културно и општествено живеење“, апелираат организаторите.
Дигитално реставрираниот филм ќе биде достапен за гледање онлајн преку каналот на Кинотеката и во следните 5 денови по оваа негова втора, дигитална премиера.
Влезот на проекцијата ќе биде бесплатен, но со претходно резервирани билети, а протоколите за заштита од ковид-19 остануваат на сила.
Оваа година се навршуваат точно 6 децении од премиерата на филмот и неговиот одличен прием кај публиката. Главните улоги ги играат Љупка Џундева и Слободан Перовиќ како Дара и Заре, а во кастот се и тогашните филмски и театарски ѕвезди: Петре Прличко, Мери Бошкова, Илија Милчин, Дарко Дамески, Ацо Јовановски, Анче Џамбазова, Димитар Ќостаров, Панче Камшик, Стојка Цекова, Вукосава Донева.