ФИЛМСКАТА ДИВА КЛАУДИЈА КАРДИНАЛЕ И ОСКАРОВЕЦОТ РОЏЕР ДИКИНС ДОЈДОА НА „БРАЌА МАНАКИ“

    ФИЛМСКАТА ДИВА КЛАУДИЈА КАРДИНАЛЕ И ОСКАРОВЕЦОТ РОЏЕР ДИКИНС ДОЈДОА НА „БРАЌА МАНАКИ“Легендарната актерка Клаудија Кардинале попладнево стигна во Скопје, а и оскаровецот Роџер Дикинс во Битола. Тие се добитници на почесните награди Златна Камера 300 на фестивалот „Браќа Манаки“ (Фото: ИФФК „Браќа Манаки“)

    Италијанската филмска дива Клаудија Кардинале и оскаровецот Роџер Дикинс, попладнево пристигнаа во Македонија. Тие се специјални гости на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола кој почнува утре,  како добитници на почесните награди Златна Камера 300.

    „Кардинале пристигна со својата ќерка, која се вика исто како неа, Клаудија и иако помалку уморна, таа на аеродромот во Скопје беше расположена, ведра и заинтересирана даја запознае земјата која ѝ оддава почест со наградата специјална Златна Камера 300 за особен придонес во светската кинематографија. Веднаш по пристигнувањето таа рече дека и’ се допаѓа што е кај нас топло и сончево, и дека првите впечатоци и’ се позитивни“, соопшти фестивалот.

    Кардинале денес попладнево пристигна на скопскиот аеродром (Фото: ИФФК „Браќа Манаки“)

    Британскиот кинематографер Роџер Дикинс, лауреат на Златна Камера 300 за животно дело на годинешното 39. издание на „Браќа Манаки“, дојде во Македонија заедно со сопругата Изабела. Во Битола го пречека директорката на Фестивалот Гена Теодосиевска, заедно со фестивалскиот тим. Дикинс со сопругата се исто така добро расположени и се согласија да се сликаат со младите волонтери на фестивалот. Дикинс е еден од најголемите живи светски кинематографери и нему утревечер ќе му биде врачена наградата, а в понеделник ќе одржи мастерклас.

    Утре, по свеченото отварање, премиерно ќе биде прикажан краткиот филм „Љубовникот“ на режисерот Игор Иванов-Изи, а веднаш потоа, во чест на Дикинс, ќе биде прикажан филмот „Истребувач 2049“, за кој годинава го доби Оскарот.

    Дикинс со директорката на „Браќа Манаки“ Гена Теодосиевска, сопругата Изабела и младите волонтери на фестивалот (Фото: ИФФК „Браќа Манаки“)

    На отворањето, на македонската филмска и театарска актерка Милица Стојанова ќе ѝ биде врачена наградата Голема ѕвезда, што ја доделува Друштвото на филмски професионалци на Македонија (ДФРМ).

    Македонскиот режисер Срѓан Јаниќијевиќ работи на перформансот за гала отворањет. Во перформансот ќе учествуваат актерката Јелена Јованова и балерината Ивана Коцевска, пијанистката Дуња Иванова, поетот Јовица Ивановски. Музиката е на Надежда Рубен, аранжманот на Андреја Наунов, костимите на модната дизајнерка Лидија Георгиева, а светлото на Илија Тарчуговски.

    Мотото на годинашното издание е „Симнуваме капа“.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира