ФРАНЦИЈА И МАКЕДОНИЈА ПРОСЛАВИЈА 25 ГОДИНИ ПРИЈАТЕЛСТВО СО „ПОД НЕБОТО НА ПАРИЗ“ И „МАКЕДОНСКО ДЕВОЈЧЕ“

    ФРАНЦИЈА И МАКЕДОНИЈА ПРОСЛАВИЈА 25 ГОДИНИ ПРИЈАТЕЛСТВО СО „ПОД НЕБОТО НА ПАРИЗ“ И „МАКЕДОНСКО ДЕВОЈЧЕ“Бас баритонот Жак-Грег Белобо и француската сопранистка родум од Штип Елена Голомеова изведоа познати арии од опери од француски композитори, со Оркестарот на МОБ, под диригентство на Иван Еминовиќ (Фото: М. Златевска)

    „Марсељезата“ и „Денес над Македонија“, француската и македонската химна во изведба на бас баритонот од Камерун Жак-Грег Белобо и светски познатиот француски сопран со македонско потекло Елена Голомеова, беа вовед во синоќешниот гала концерт во Македонската опера и балет (МОБ), во чест на одбележување на 25-годишнината од воспоставување на дипломатски односи меѓу Македонија и Франција.

    Францускиот амбасадор во Македонија Кристијан Тимоние и министерот за надворешни работи Никола Димитров (Фото: М. Златевска)

    Францускиот амбасадор во Македонија Кристијан Тимоние во топлиот говор на македонски јазик, пред министрите, политичарите, амбасадорите и дипломатите, меѓу другото се заблагодари на сите политички партии и заедници кои работат во разни области како културата, уметноста, на сите оние, како што рече, кои веруваа и сѐ уште веруваат дека девизата „слобода, братство, еднаквост“ е создадена за да ја споделуваме.

    „Скопје и Париз секогаш биле блиски кога се работи за она суштинското, горди на својата историја, на идентитетот и на различностите. Овие 25 години покажаа дека нашите две земји можат да се потпрат една на друга и во добро и во лошо. Да продолжиме по тој пат и да се видиме повторно на 50-годишнината. Да наздравиме и на француски и македонски начин, за овој јубилеј во знакот на надежта“, рече амбасадорот, заблагодарувајќи им се на сите учесници, на певицата Голомеова и особено на министерот за надворешни работи Никола Димитров, за кого рече дека ја претставува својата земја со сила и храброст.

    Потсетувајќи на историјата, министерот Димитров рече дека во историските учебници на Франција,  Источниот фронт, а особено планинскиот венец на Кајмакчалан е арената каде што стотици илјади француски војници рамо да рамо со месното насление ги бранеле вредностите врз кои се темели современа Европа.

    Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи со амбасадорот Тимоние (Фото: М. Златевска)

    Димитров говореше и за Битола, градот на конзулите, од каде француските конзули биле тие кои низ Македонија ја ширеле напредната идеја за слобода, за братсство и еднаквост, како и за големиот број политичари, дипломати, писатели, уметници и бизнисмени кои имаа клучна улога во градењето на француско- македонското пријателство.

    „Во темелите на изминативе 25 години лежи едно заедничко минато, во коешто судбините на нашите две нации се испреплетени. Денес ја славиме убавината која нѐ поврзува, уметноста и францускиот јазик и посакувам да ја градиме иднината заедно“, кажа Димитров, оддавајќи му почит на францускиот сенатор Робер Бадентер, чии дела, како што рече, ќе бидат засекогаш врежани во државотворноста на Македонија.

    Голомеова во Франција живее од 2000 година. Сите нејзини досегашни настапи во земјата и во странство биле на покана и во организација на националните опери во Франција и на амбасадите на Франција низ светот (Фото: М. Златевска)

    По говорите, Голомеова и Белобо со оркестарот на МОБ под диригенство на Иван Еминовиќ, изведоа познати арии од опери од француски композитори, меѓу кои од „Кармен“ од Бизе, „Хофмановите приказни“ од Офенбах, „Веселата вдовица“ од Лехар, „Орфеј во Пеколот“ од Офенбах, шансоните „Под небото на Париз“ и „Химна на љубовта“, како и македонската изворна песна „Македонско девојче“.

    Концертот го организираа Францускиот институт во Скопје, Амбасадата на Франција во Македонија и МОБ.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира