СРЕЌНА СУМ ШТО ЌЕ НАСТАПАМ ДОМА, ВЕЛИ ФРАНЦУСКАТА ПЕВИЦА РОДУМ ОД ШТИП ЕЛЕНА ГОЛОМЕОВА

    СРЕЌНА СУМ ШТО ЌЕ НАСТАПАМ ДОМА, ВЕЛИ ФРАНЦУСКАТА ПЕВИЦА РОДУМ ОД ШТИП ЕЛЕНА ГОЛОМЕОВА„Добро е што по речиси две децени престој во Франција некој во Македонија се сети да ме покани“, вели сопранот Голомева која вечерва во МОБ ќе настапи на концертот по повод 25 годишнината од дипломатските односи меѓу Македонија и Франција

    Светски познатиот француски сопран со македонско потекло, младата оперска пејачка Елена Голомеова деновиве со радост ги очекува своите настапи во Македонија.

    Вечерва во 20 часот во Македонската опера и балет (МОБ) таа ќе настапи на гала концертот по повод 25 годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Македонија и Франција, а при крајот на јуни и во својот роден Штип каде исто така со свој гала концерт ќе го отвори годинашното Штипско културно лето.

    „Задоволна сум од сите мошне значајни улоги што ги остварив во операта во Ница, една од најпрестижните во Франција, како и со настапите во другите градови во мојата втора татковина“.- Елена Голомеова во Националната опера во Ница

    На вечерашниот концерт во Скопје, со оркестарот на МОБ ќе диригира Иван Еминовиќ, а Голомеова ќе настапи со познатиот бас баритон Жак – Грег Белобо кој заедно со штипјанката, во Ница ги прави првите посериозни оперски чекори. Оперските пејачи ќе изведат познати арии од француски композитори, а пред нив, публиката ќе ја поздрават министерот за надворешни работи Никола Димитров и францускиот амбасадор Кристијан Тимоние.

    Голомеова во Франција живее од 2000 година. Средно музичко училиште завршува во Штип и Скопје, а потоа во Ница завршила студии по соло пеење. Магистрира во Париз во класата на професорката Жаклин Бонардо. Сите нејзини досегашни настапи во земјата и во странство биле на покана и во организација на националните опери во Франција и на амбасадите на Франција низ светот.

    „Јас сум задоволна од сите мошне значајни улоги што ги остварив во операта во Ница, една од најпрестижните во Франција, како и со настапите во другите градови во  мојата втора татковина. Би ги издвоила улогите во операта ‘Свадбата на Жанет’, Матилда во ‘Наполеон’ , Реми во ‘Без огништа’ од Жан Клод Петит, Кристина во ‘Фантом на операта’ , Кралицата на ноќта во ‘Волшебната флејта’ од Моцарт како и улогата на Шерубин во ‘Свадбата на Фигаро’.

    Ќе го издвојам и неповторливиот настап со Жерар Депардје во филмот за животот на Рахмањинов. Среќна сум што ќе настапам во Скопје, а уште повеќе што ќе имам деби во родниот Штип. Добро е што по речиси две децени престој во Франција некој во Македонија се сети да ме покани“, вели Елена.

    Елена Голомеова со мајката Снежана и братот Трајче, кој е компјутерски инженер и со кого Елена веќе две децении живее во Ница

    Нејзината мајка Снежана Голомеова, познат штипски педагог и поранешен директор на Народната библиотека во Штип се присетува на моментите кога Елена уште како дете сакала да пее.

    „Елена секогаш ја имаше целосната поддршка од родителите. Нејзиниот детски хит ‘Тина татина’ од 1994 години веќе одамна е евергрин. Елена уште тогаш ја обожаваше операта и си ги пееше познатите арии“, вели мајката Снежана која како семеен придружник и и неформален портпарол постојано е со Елена на релација Македонија- Франција.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира