ГОРАН СТЕФАНОВСКИ САКАШЕ СВОЈАТА ИТАКА ДА ЈА НАЈДЕ ТОКМУ ВО ОХРИД, ВЕЛИ РЕЖИСЕРОТ ПОПОВСКИ ЗА ПРЕТСТАВАТА „ОДИСЕЈ“ СО КОЈА СЕ ЗАТВОРА ОХРИДСКО ЛЕТО

    ГОРАН СТЕФАНОВСКИ САКАШЕ СВОЈАТА ИТАКА ДА ЈА НАЈДЕ ТОКМУ ВО ОХРИД, ВЕЛИ РЕЖИСЕРОТ ПОПОВСКИ ЗА ПРЕТСТАВАТА „ОДИСЕЈ“ СО КОЈА СЕ ЗАТВОРА ОХРИДСКО ЛЕТОСите уметници на кои им се обратив ги откажаа сите свои ангажмани за да бидат дел од претставата, кажа Александар Поповски на денешниот прес во Охрид (Фото: СДК.МК)

    Да се донесе „Одисеј“ на Охридско лето и да се соберат сите овие луѓе беше како составување мозаик од камчиња, кои пред 5-6 години се растуриле по светот, кажа селекторот на драмската програма Александар Поповски, кој е и режисер на претставата со која вечерва се затвора фестивалот.

    „Овие луѓе патуваат, играат и настапуваат насекаде низ светот и воопшто не е едноставно да ги соберете на едно место. Желба ми беше поради Горан Стефановски оваа претстава да ја играме токму во Охрид и тој тука, на своевиден начин, да ја најде својата Итака. Не се надевав дека ќе успеам во тоа, но одговорот на сите уметници на кои им се обратив беше фасцинантен. Сите тие откажаа и снимања и патувања за да се соберат тука и да ја одиграме оваа претстава. Тоа се работи што ми кажуваат дека вреди што се занимавам со оваа професија”, кажа Поповски на денешната прес-конференција.

    Српскиот актер Светозар Цветковиќ, кој го игра Зевс, вели дека процесот на создавање на претставата оставил трага врз сите кои се дел од неа, како во нивните животи, така и во професионалниот ангажман.

    „Од последната изведба на ‘Одисеј‘ пред пет години се случија толку многу настани во нашите животи, театарот и во овој свет, во кој веќе го нема Горан. Режисерот Поповски нѐ собра повторно во чест на Стефановски. По временска дистанца од пет години, можам да кажам дека со првото соочување со текстот воопшто не бев свесен колку сме пред времето во кое живеевме тогаш и оти, за жал или за среќа, со таа претстава сме пред времето на сѐ она што се случува во театарскиот живот на овие простори. Оттаму, тоа што го направивме и што ќе го изведеме вечерва има причина да постои и во иднина и да претставува театар кој е вистински печат како на Горан Стефановски, така и на Поповски”, рече Цветковиќ.

    Хрватскиот актер Озрен Грабариќ публиката ќе го види во главната улога на Одисеј.

    „Во текстот на Горан има една реченица дека ‘Итака никогаш не била цел за себе, туку целта било самото патување‘. Затоа ми се чини логично и убаво и Горан и ‘Одисеј‘ и оваа дива орда да продолжат да патуваат и понатаму“, порача Грабариќ.

    Ова е копродукциски проект на „Гавела“ од Загреб, „Улисис“ од Бриони, Српски народен театар од Нови Сад, „Драма“ од Марибор, „Ателје 212“ од Белград, Стериин театар и на Театар Навигатор од Скопје.

    Севкупната драмска програма во рамките на годинашното „Охридско лето“ му беше посветена на Горан Стефановски, кој почина во ноември минатата година.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира