ЃОРЃЕ ЈОВАНОВИЌ ГО ИЗЛОЖУВА МУЛТИМЕДИЈАЛНИОТ ПРОЕКТ „ГОРЧЛИВ ШЕЌЕР“ ВО МСУ

    ЃОРЃЕ ЈОВАНОВИЌ ГО ИЗЛОЖУВА МУЛТИМЕДИЈАЛНИОТ ПРОЕКТ „ГОРЧЛИВ ШЕЌЕР“ ВО МСУАнимираните видеа се колекција од поетични, хумористични и трагикомични приказни работени според раскази од неколку претставници на поновата генерација македонски писатели (Румена Бужаровска, Петар Андоновски, Алекс Букарски) како и идеи на Јовановиќ. (Фото: МСУ)

    „Горчлив шеќер“ (Bitter Sugar) е насловена изложбата на македонскиот уметник Ѓорѓе Јовановиќ, која ќе се отвори утре во 20 часот, во Музејот на современa уметност  (МСУ) Скопје.

    Проектот е составен од два дела, просторна инсталација и анимации и видеа, осмислени како фрагменти од актуелната стварност и современиот живот, кои во себе содржат знаци, состојби и ситуации. Куратори на овој комплексен мултимедијен проект се Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец.

    „Во духот на Лотреамон би можел да кажам дека ‘Горчлив шеќер’ е приказна за случајната средба на Калимеро, една запалка и Доналд Трамп на операционата маса, па оттаму користејќи го искуството на надреализмот и дадаизмот, но сега ставени во нашиот современ, хаотичен контекст, сакав да искреирам дела и простори коишто нема да илустрираат или дефинираат одредени појави, туку повеќе ќе предизвикуваат прашања и критичко промислување на светот во којшто живееме денес. Ми беше важно отвoрањето на теми, кои не се толку често третирани на нашата современа ликовна сцена, како и создавањето на простор за соработка на различни уметнички дисциплини и пробивањето на острите или воспоставени рамки на уметничка креација и продукција“, вели уметникот Јовановиќ.

    „Замислен како ‘тотално уметничко дело’, овој проект преку богат иконографски фундус и комплексна мрежа од релации и комбинирање на неколку уметнички дисциплини (визуелна уметност и експериментален филм, анимации и музика) се фокусира на продлабочувањето на врските помеѓу овие уметнички форми, како и истражувањето на можностите за создавање нови уметнички содржини. Јовановиќ преку овој проект прави интегрирање на целокупната негова творечка практика која опфаќа најразновидни изразни форми и медиуми од цртеж и инсталација, до перформативност и интерактивност“, велат кураторите.

    Анимираните видеа се колекција од поетични, хумористични и трагикомични приказни работени според раскази од неколку претставници на поновата генерација македонски писатели (Румена Бужаровска, Петар Андоновски, Алекс Букарски) како и идеи на Јовановиќ.

    „Во нивниот фокус се неизвесноста, игноранцијата, преку лични приказни, трагедии и неволји на луѓето на маргините, и преку прикажување на екстреми на човековото однесување во борбата и разбивањeто на стереотипите во патријархалното општество и потрагата по правда и слобода“, додаваат кураторите.

    Проектот се реализира со пари од Министерството за култура н Центарот за истражување и информирање за животна средина „Еко-свест“. Изложбата ќе биде отворена до 10 февруари 2024 година.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира