ГРЕВОТ КАКО НЕПОСЛУШНОСТ И КАКО ДОБЛЕСТ – ТЕМА НА 18. ЗИМСКИ САЛОН НА ДЛУМ

    ГРЕВОТ КАКО НЕПОСЛУШНОСТ И КАКО ДОБЛЕСТ – ТЕМА НА 18. ЗИМСКИ САЛОН НА ДЛУМКураторот Кирил Пенушлиски, претходната добитничка на Гран-при наградата на Зимскиот салон, Шќипе Мехмети и претседателот на ДЛУМ, Филип Фидановски на денешната прес-конференција (Фото: СДК.МК)

    „Првиот грев – првата доблест“ е темата на 18. Зимски салон на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) кој ќе се отвори на 3 февруари 2020 во Чифте амам.

    Темата ја дал д-р Кирил Пенушлиски, кој ќе биде куратор, селектор и ќе одлучи кој ќе ја добие единствената награда на традиционалниот биенален ликовен настан. Наградата е престој во ателјето на „Сите дез арт“ во Париз, што ја овозможува Министерството за култура. Претстeдателот на ДЛУМ, Филип Фидановски вели дека крајниот рок за уметниците да ги достават делата е 30 декември.

    Идејното решение за платакот и каталогот е на Христијан Санев

    „Првиот грев е гревот на непослушност. Прикажан во првата книга од Стариот завет на Библијата, првиот грев е непослушноста на Адам и Ева, прекршувањето на Господовата заповед да не ги јадат забранетите плодовите од дрвото на знаењето.  Во јудејско-христијанската традиција, првиот грев (непослушноста) е наследен грев и секој човек се зачнува и раѓа во овој грев“, вели Пенушлиски.

    Тој додава дека темата на Зимскиот салон е непослушноста и бунтот како доблест, непослушност, бунт и револуција како агенти на социјални промени, непослушноста гледана низ призма на историски настани и непослушноста во современиот, дигитален свет и општество.

    Пенушлиски најави повеќе новини за претстојниот Зимски салон, како на пример дека предност ќе имаат уметниците кои ќе конкурираат со повеќе дела, максимум четири, предност ќе имаат и пријавените дела кои претставуваат соработка помеѓу два или повеќе уметника, и дека при пријавата за учество сите уметници задолжително мораат, за секое предложено дело или серија, да приложат и текст не повеќе од 100 збора, како лично видување на уметникот на своето дело.

    Од ДЛУМ организираат средба на уметнииците со кураторот Пенушлиски, за в сабота од 12 часот во Галерија 8 во Безистенот во Стара чаршија.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира