ИГОР АЛЕКСОВ ГО ПРОДОЛЖИ СНИМАЊЕТО НА ВТОРИОТ ФИЛМ „ГОЛИОТ РИД“ ВО СКОПЈЕ 

    ИГОР АЛЕКСОВ ГО ПРОДОЛЖИ СНИМАЊЕТО НА ВТОРИОТ ФИЛМ „ГОЛИОТ РИД“ ВО СКОПЈЕ Филмот е е трилер со елементи на драма и хорор-фантазија, а играат и Анасатсија Ласовска и Даниела Иванoска. (Фото: Сити стар продукција)

    На локации во Скопје денеска продолжи снимањето на „Голиот Рид“, вториот филм на Игор Алексов. На 29 декември 2025 од продукцијата „Сити стар продакшн“ објавија дека филмот почнал да се снима во Охрид, но не дадоа повеќе други детали освен дека продуцент е Богдан Јончевски. Според денешното соопштение, денеска официјално започна снимањето на филмот, кој е трилер со елементи на драма и хорор-фантазија, и ќе се снима на неколку локации во Скопје и околината.

    „Голиот рид“ на Алексов, по сценарио Гоце Цветановски и Алек Русјаков, доби 15 милиони денари (околу 245 илјади евра) на Конкурсот на Агенцијата за филм во втор рок на одлучување за 2021 година.

    „’Голиот Рид’ е современ кинематографски трилер-драма со елементи на хорор-фантазија, кој ја брише линијата меѓу реалноста и имагинацијата. Приказната го следи враќањето на една мистериозна жена во нејзината родна куќа, по што ненадеен бран морничави смртни случаи меѓу локалната елита го принудува циничниот инспектор да открие застрашувачка тајна закопана цели 15 години“, вели продукцијата.

    Продуцент е Богдан Јончевски (средина) и режисерто Алексов на снимањето. (Фото: Сити стар продукција)

    Главната женска улога ја игра Анастасија Ласовска, а играат и Тони Наумовски, Симеон Мони Дамевски, како и Зоран Љутков, Стефан Вујисиќ, Филип Трајковиќ, Даниела Иванoска, Адем Карага, Златко Митрески, Александар Микиќ, Гоце Андонов и други млади актери.

    Во продукција на „Сити стар продакшн“, копродуценти се „ОнБрос“ од Косово и „Ред продакшн“ од Србија. Премиерата се очекува во текот на 2027.

    Алексов претходно го сними филмот „Лена и Владимир“, чија премиера беше во септември 2023 на затворањето на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола и од октомври играше в кино, а освои и бројни фестивалски награди. Овој филм беше поддржан од Агенцијата за филм на Конкурсот во 2016 со 250.000 евра.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира