Каранфили се поставени во витрините на изложбата „Убавите жени на мојот народ“, која од вчера е изложена во Националната универзитетска библиотека (НУБ) „Св. Климент Охридски“ во Скопје како симбол, како што вели Марина Мијаковска, една од авторките, дека жената не само што е нежна како суштество, туку е важна во општеството, ги создава и менува општествените случувања.
Низ холот на Библиотеката изложени се манускрипти од првите македонски писателки, аудиоснимки (грамофонски плочи и компакт дискови), партитури, монографски публикации на креаторките на македонската музичка и балетска сцена, како и уметнички дела, каталози, монографии и статии од реномирани жени во уметноста.
Авторки на изложбата се Марина Мијаковска со предмети од Збирката со современи авторски ракопис, Елени Новаковска од Збирката за музичка уметност и Искра Димитрова од Збирката за ликовни уметности при НУБ.
„Книгите се за балетска уметност и балетска критика, издадени во државава, од Емилија Џипунова и во моментот, најактивната истражувачка на балетската уметност Соња Здравкова-Џепароска. Изборот беше да се од Фондот и да имаме квалитет. Во витрината се претставени и неколку други први музиколози кои се занимавале со истражување, како Јелица Тодорчевска и Васка Наумова-Томовска, која работела во Радио Скопје. Надежда Мишченко-Володер ги издала првите учебници по солфеж, а Родна Величковска е најплодниот етномузиколог во земјата. Значи, целта ни беше да ја прикажеме нашата убавина во однос на креацијата, интелектот и капацитетот“, вели музикологот Новаковска за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Во витрините ги има и посовремените, актуелни авторки Тања Грковска од Македонската радиотелевизија со „50 години Филхармонија“, Јулијана Папазова со првата книга за популарна музика, теорија и историја, Новаковска и Папазова со првата „Историја на македонската популарна музика“, Тина Иванова за Канал 103 и Весна Мајановска со првата книга за музичките емисии во МРТВ.
Претставени се и етномузиколозите и етнокореолозите Ивона Опетческа и Велика Стојкова-Серафимовска, кои се активни во истражувањето на македонската музика, со тоа се врши и архивирање на македонската музика.
Посебна витрина е посветена на изведувачките уметници, без разлика на музичкиот жанр, кои со своите уметнички креации најмногу придонеле за развојот на македонската музика на секое поле.
„Затоа тука се издвоени Милка Ефтимова, соло певицата Славица Петровска-Галиќ, пијанистките Јасминка Чакар и Стела Слеанска од областа на класичната музика, од областа на народната музика се Виолета Томовска и Вања Лазарова и она што е особено карактеристично на почетокот на 1960-тите и 1970-тите, изведбата на женските народни пејачки групи ‘Костурчанки’, ‘Мегленки’ и ‘Кучковски’. Секако, тука мора да биде издвоена со својата интерпретација Есма Реџепова. Од другата страна е претставена една од најдобрите и најквалитетни македонски вокални солистки Нина Спирова, како и Маја Оџаклиевска. Во средниот дел од витрината ги прикажуваме сегашноста и иднината, тоа се оперската певица Весна Ѓиноска-Илкова и двете најдобри пијанистки актуелни во моментот, Марија Вршкова и Ана Гацева. Во делот на македонските композиторки, кои денес ги имаме повеќе, е претставена првата македонска композиторка и вистински уметник во една поширока смисла на зборот Јана Андреевска, која не се занимава само со композиција, туку и со сликарство. Тука е и Валентина Велковска-Трајановска, која инспирацијата ја наоѓа најчесто во историските теми и секако, креативната, слободоумна и најмногу изведувана надвор комозиторка Дарија Андовска“, ни рече Новаковска.

Историчарката на уметност Соња Абаџиева, новинарката во МТВ Весна Малјановска и поетесата Марина Мијаковска, една од коавторките на изложбата. (Фото: К. Попов)
Делот со македонските авторки ни го претстави поетесата Мијаковска, која вели дека целта ѝ била да ја прикаже првата генерација македонски поетеси, писателки, со кои почнало македонското женско писмо. Издвола пет авторки во оваа колекција: Eвгенија Шуплинова, Радмила Трифуновска, Светлана Христова-Јоциќ, Драгица Најческа и Гордана Михаилова-Бошнакоска.
„Сите ги поврзува, да речеме, тоа што биле први. Сите работеле како новинарки, пишувале и биле навистина уникатни со отворањето на таа една книжевна сцена за македонската жена. Имаме ракописи од Шуплинова, нејзината прва книга издадена во 1960. Таа е всушност првата македонска поетеса која издала книга во Македонија. Во истиот период и Ручигај издава книга и тие се сметат за првите две македонски поетеси. Ги прикажуваме ракописите и првите книги на Трифуновска, која имала биографија од, да кажеме, четири издадени книги. Идејата ни беше да ги прикажеме двата ракописа што ги имаме од оваа авторка и не се објавени во нејзини стихозбирки, таа ги има дадено дополнително како необјавени песни и денес ги чуваме како сведоштво за нејзиното творештво“, ни рече Мијаковска.
Како прва и, вели таа, можеби најуникатна поетеса е претставена Христова-Јоциќ, која била и првата жена примена за членка во Друштвото на писателите, но исто така била неговата прва претседателка.
„Значајна била што го формирала книжевното гласило ‘Стожер’, кое до ден-денес излегува под тој наслов, со нова редакција, во која сега и јас сум член и навистина ми е драго да ја продолжам таа книжевна нишка што ја започнала. Светлана имала прекрасен ракопис, но и како човек и како поетеса навистина била препознатлива, пример за авторка и жена. Таа била доминантна и го отворила патот на жените во Друштвото на писатели да бидат примени како авторки, да бидат уреднички, навистина направила многу за нас како авторки денес. Ја имаме и Михаилова-Бошнакоска, можеби најдобрата поетеса од живите поетеси денес. Исто така работела како новинарка. Пишува и поезија и проза. Прва е по тоа што пишува една примамлива еротска, остра, скокотлива поезија. И кај Ручигај и кај Шуплинова е загатлив моментот на еротското, меѓутоа е суптилен, дури и срамежлив. Гордана е многу активна авторка која до ден-денес издава книги и сега ја очекуваме со нетрпение нејзината нова книга. Овој круг го завршуваме со Најческа, таа е прва и уникатна зашто била првата прозаистка во Македонија. Во 1950 го објавила својот прв расказ во списанието ‘Иднина’. Тука имаме можност да го видиме нејзиниот прв роман ‘Пеперуга на натопени крилја’, првиот роман издаден од писателка во Македонија. Идејата да ставиме каранфили во самата изложба ми беше поттикната од насловот на Шуплинова ‘Тагата на црвениот каранфил’, целта ми беше да го поврземе каранфилот како симбол на 8 Март и на борбата на жената. Дека ќе биде запаметена не само по убавината како жена, туку по тоа што ќе го создаде како убава уметност“, вели Мијаковска.

Современата уметница Искра Димитрова, деканката на ФМУ Дарија Андовска и балетската критичарка Соња Здравкова-Џепароска. (Фото: К. Попов)
Со современата уметница Искра Димитрова поразговаравме за делата од Збирката за ликовни уметности при НУБ. Таа вели дека поставката ја направила според два критериума, делото да биде од збирката и авторот да има „багаж“ зад себе.
„Со две уметнички дела и публикации е претставена Анита Светиева, скулпторка и професорка по етнологија. Беше една од првите уметнички која има сексуално експицитни сцени. Беше претставничка на Венециското биенале во 1977 и се посвети многу на етнологија. Стана професорка на факултет. Милион статии има напишано, меѓу другото, го основаше ‘Етноантропозум’, гласник на Институтот. Другата уметница која е претставена со две графики е Славица Јанешлиева, актуелната деканка на Факултетот за ликовни уметности. Лани учествуваше на Биеналето во Венеција. Работи разни медиуми, графика, инсталација, концептуана уметност, перформанси“, вели Димитрова.
Претставени се и академик Вера Битракова-Гроздонова, археолог и професорка која работела на многу археолошки наоѓалишта и истражувала ранохристијанска и хеленска уметност и професорката и историчарка на уметност Елизабета Димитрова.
„Таа ги откри керамичките релјефни плочи кои ги третираат како првите икони, има издадено книги за ранохристијанската уметност. Претставена е и историчарката на уметност Соња Абаџиева-Димитрова, која ја направи првата авторска изложба на жени уметнички. Има бројни публикации, меѓу кои за изложба која беше претставена во Германија, Србија, Австрија, Јапонија. Го формираше, издаваше и пишуваше ‘Големото стакло’ сѐ додека не прекина буџетот за него. Има работено со најзначајните уметници, на изложби, монографии и има милион каталози кои, за жал, не можат сите да се изложат“, ни рече Искра Димитрова.
„Дами од кои машкиот свет трепери поради вашата убавина, вашата љубов го расте човештвото, вие не сте само поубавиот пол, вие како дами сте и понежниот пол, меѓутоа и посилен и помоќен. Ви препорачувам секогаш да бидете свесни за вашата вредност. И никогаш да не дозволите некој да си игра со вас“, рече на отворањето на изложбата Јовица Никчевски, директорот на НУБ „Свети Климент Охридски“.
Изложбата ќе трае до 20 март.
Б. НЕСТОРОСКА