ИНТИМНИТЕ СНИМКИ НА МЛАДИТЕ И ОБЈАВУВАЊЕТО НА ИНТЕРНЕТ Е СЕРИОЗЕН ПРОБЛЕМ, А НЕ СЕ ПРЕЗЕМА НИШТО, ВЕЛИ РЕЖИСЕРКАТА НА „СЕСТРИ“ ДИНА ДУМА

    ИНТИМНИТЕ СНИМКИ НА МЛАДИТЕ И ОБЈАВУВАЊЕТО НА ИНТЕРНЕТ Е СЕРИОЗЕН ПРОБЛЕМ, А НЕ СЕ ПРЕЗЕМА НИШТО, ВЕЛИ РЕЖИСЕРКАТА НА „СЕСТРИ“ ДИНА ДУМАОвие генерации се родени со телефоните и тоа многу, многу не е добро, а не сме свесни за тоа, вели Дума. (Фото: ИФФ Браќа Манаки)

    „Многу ми беше важно да го пренесам светот во кој живеат младите зашто снимањето и објавувањето на нивниот интимни односи на социјалните мрежи е сериозен проблем за кој институциите што се надлежни не обрнуваат внимание“, рече режисерката Дина Дума на прес-конференцијата откако синоќа нејзиниот дебитантски филм „Сестри“ го отвори фестивалот „Браќа Манаки“. Таа откри дека филмот до некаде е базиран на одредена вистинска приказна која се случила додека таа била во средно училиште.

    „Девојка и дечко беа снимени додека имаа односи и заврши инцидентот дури и на вести. Таа доживеа друштвено исклучување, ги изгуби сите другарки и на крај се пресели во друга земја, а дечкото остана во школото и стана фраер. За мене тоа беше неправда што остана до денес, зашто никој ништо не направи, ниту јас, пријателите, институцијата, професорите, педагозите. За жал, тоа уште е така. Тинејџерите користат многу социјални мрежи. Овие генерации се родени со телефоните и тоа многу, многу не е добро, а не сме свесни за тоа“, рече Дума.

    Во филмот, кој минатиот месец на светската премира освои специјална награда на жирито на фестивалот во Карлови вари,  се раскажува за тоа како еден клик на социјалните мрежи може да уништи нечиј живот. Младата актерка Антонија Белазелкоска која ја игра улогата на Маја, изграден како поетички лик со похеројски пристап, запрашана колку ваквите појави се чести денес меѓу младите одговори:

    „Нема од нашата генерација некој што не познава таква приказна, можеби не лично на него туку околу неговиоте пријатели и темата е многу блиска на младите“.

    На пресот беше и актерката Марија Јанчевска што го игра ликот на Елена, тинејџерка што се дави во Вардар, рече дека нејзината возраст кога се снимал филмот била вистина бариера. Имала 14, а во ликот требало да глуми девојка од 16-17 години.

    „Го имав првиот бакнеж на камера, сè ми се случуваше првпат и за мене беше голем предизвик. Навистина глумев улога со која не можев многу да се поистоветам, за среќа. Имав искуство претходно со филмска глума, но не и со љубовни сцени“, рече актерката.

    Уште не се знае кога точно филмот ќе има кинопремиера во земјава.

    „Сè уште не знаеме, зашто нашата таргет група се младите, а тие нема да можат да влезат во кино зашто младата генерација не е вакцинирана и уште сме во преговори со продукцијата. Но, наскоро ќе излезем со став кога ќе биде проекцијата“, рече режисерката Дума.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира