ИСТИТЕ ЛУЃЕ КОИ ЈА УНИШТИЈА МРТВ, ПРАВАТ ПЛАН ЗА ВРАЌАЊЕ НА МУЗИЧКАТА ПРОДУКЦИЈА, РЕАГИРААТ МУЗИЧАРИТЕ

    ИСТИТЕ ЛУЃЕ КОИ ЈА УНИШТИЈА МРТВ, ПРАВАТ ПЛАН ЗА ВРАЌАЊЕ НА МУЗИЧКАТА ПРОДУКЦИЈА, РЕАГИРААТ МУЗИЧАРИТЕКако ќе се бираат членовите на оркестрите? Кои ќе бидат диригенти? Кои ќе бидат членовите на комисиите? Ќе има ли реаудиции? Кој е планот за промоција? Ќе има ли менаџер? -прашуваа гостите на денешната трибина по поднесената иницијатива за рестартирање на музичката продукција на МРТВ (Фото: Министерство за култура)

    Како може да зборуваме за ревитализација на Музичката продукција на Македонската радио телевизија со истите луѓе, кои се симболи на македонската музика, кои беа присутни токму во миговите кога комплетно се руинираше МРТВ, праша музичарот, диџеј, и издавач Мирко Попов на денешната прва јавна расправа за рестартирање на Музичката продукција на МРТВ. Попов, кој лани имаше кампања за директор на музичката и касетна продукција на МТВ , како и музичарот и продуцент Петар Георгиевски – Камиказа беа меѓу најотворените говорници, кои ја поддржаа иницијативата на музичките уметници Кире Костов, Будимка Имери, Љупчо Мирковски, Живоин Глишиќ и Славе Димитров, но имаа и многу прашања.

    Иницијативата, како што рече Цветанка Ласкова, советничката за култура на премиерот Зоран Заев,  е доставена и прифатена од Владата.

    Професорот Глишиќ, претставувајќи ја иницијативата пред гостите од целата музичка фела, музичари, продуценти, композитори, музички новинари и професори, рече дека се предлага враќање на Биг бендот, Народниот оркестар, Чалгискиот оркестар, студио за детска музика, а во дополнителен работен договор би биле Хорот и Камерниот оркестар.

    Петрит Сарачини, Кире Костов, Будимка Имери, Љупчо Мирковски, Цветанка Ласкова, министерот Роберт Алаѓозовски, Живоин Глишиќ и Славе Димитров на денешната трибина (Фото: МИА)

    Зборувајќи за значењето на музичката продукција на МРТВ, Глишиќ рече дека дојдоа генерации кои не ни знаат дека постоела музичка продукција и денешните млади музичари работат во приватни студија, на иницијатива на автори кои тоа го изведуваат на аматерски начин.

    Георгиевски, кој освен уредник, беше и помошник генерален директор за програма во МРТВ, рече: „Бев уредник на музичката продукција кога еден наш колега, свири клавијатури во една од најпознатите македонски групи, ги потпиша укинувањата на сите оркестри. Потоа дојде еден друг лик, кој беше директор на забавната продукција и ми вели: ’Ајде да направиме еден оркестар, имаме двајца од танцовиот оркестар, тројца од Народниот, тројца од Чалгии, да ги составиме и заедно да свират. Тоа го дозволивте вие, или го дозволивме сите ние овдека, да ни се смеат и сами на себе да се смееме“, рече Георгиевски, на што Кире Костов изрегира:

    „Зошто гледаш во мене? Ако гледаш во мене, јас можам да ти кажам дека не сум бил таму“.

    На тоа Георгиевски рече : „Добро, ајде ќе гледам во Славе“.

    Петар Георгивски- Камиказа (Фото: Министерство за култура)

    „Имате модел кој не морате да го разработувате. Треба да се свиткаат ракавите и да се работи, да понудите достапни сали, технички можности за да звучат како треба оркестрите и нормална процедура“, додаде Георгиевски.

    На прашањето на музичкиот новинар од МРТВ Орце Гелевски, кој ќе го финансира овој сектор, бидејќи, како што рече, потребна е администрација, технички дел, оркестар, министерот за култура Роберт Алаѓозовски одговори: „ Предлагачите изготвија финансиски план според моделот на другите институции од музичко- сценската дејност. И порано се давале 500.00 евра за субвенции и откако Владата ги укина, тие пари ќе ги пренамениме, само да го утврдиме начинот. Како Министерство сме подготвени во услови на кризен или преоден период, да го финансираме тој орган кој како трајно решение кое ќе биде под МРТВ“.

    До предлагачите, како и до Ласкова и до Алаѓозовски беа упатени повеќе прашања, како по кои критериуми ќе се бираат членовите на оркестрите? Кои ќе бидат диригенти? Кои ќе бидат членовите на комисиите? Ќе има ли реаудиции? Кој е планот за промоција? Ќе има ли менаџер? Во каква состојба е денес фонотеката, по што тие рекоа дека сите предлози и прашања ќе ги земат в предвид до конечното донесување на одлуката.

    Од Министерството за култура, кое ја организира расправата во Клубот на пратеници, велат дека покрај јавните расправи на кои треба да се слушнат мислењата на засегнатите страни, за конкретни предлози и законски измени поврзани со музичката продукција на МРТ ќе биде формирана интерресорска работна група.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира