ИСТРАЖУВАЊАТА НА ТЕАТАРОТ ВО СТОБИ ГОДИНАВА ТРАЕЈА САМО 19 ДЕНА ОТИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА ДАДЕ ТОЛКУ ПАРИ

    ИСТРАЖУВАЊАТА НА ТЕАТАРОТ ВО СТОБИ ГОДИНАВА ТРАЕЈА САМО 19 ДЕНА ОТИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА ДАДЕ ТОЛКУ ПАРИАрхеолошките истражувања на театарот се одвивааа кај надворешниот циркуларен коридор во кој публиката влегувала преку влезови со арки, директно од градската улица. (Фото: СДК.МК)

    Долгогодишниот приоритетен проект на Националната установа Стоби, кој опфаќа конзервација, реставрација, реконструкција и археолошки истражувања на театарот во Стоби, се работеше 12. година по ред. Годинава, поради малиот фонд издвоени пари од Министерството за култура, траеше и најмалку во однос на претходните, само 19 дена. Работите опфатија три активности.

    „Проектот опфати конзервација на радијалните ѕидови од горниот дел на гледалиштето, беа изведени археолошки ископувања во надворешниот циркуларен коридор преку кој публиката влегувала во театарот. Реализирана беше конзервација на мермерните елементи од гледалиштето. Годинава работевме во мал временски период, оти добивме толку средства. А сме работеле и по три месеци на театарот“, вели археологот Гоце Павловски, кој е раководител на проектот за истражувања на театарот во Стоби.

    Во рамките на конзервацијата на ѕидовите од горниот дел на гледалиштето санирано е источното лице на радијалниот ѕид, кој бил во фаза на распаѓање. Старите иструлени камења и малтер се заменети, а здравите фиксирани, со што ѕидот е заштитен од понатамошно уништување. Исто така, реконструирана е арката на спојот меѓу радијалниот со циркуларниот ѕид. Арката била формирана на премин меѓу два радијални коридори, кои биле дел од системот за циркулација на публиката.

    Во третиот ред на театарот во Стоби има голем натпис „На Силван“, односно резервиран простор за седење помеѓу седиштата на најзначајните луѓе во градот. (Фото: НУ Стоби)

    „Во рамките на конзервацијата на радијалните ѕидови беше откриен натпис, кој секундарно бил вграден во подоцнежниот период од функционирање на театарот. Потекнува од 3. век, а е вграден во 6. век, кога ѕидот бил поправан. Натписот, плочата се интересни бидејќи се посветени на познатиот македонијарх и прв во провинцијата, Силванос Николаос. Тој е познат од Стоби по други натписи, но и од други локалитети. Станува збор за позната и значајна личност од римската провинција Македонија. Потекнува од исклучително знајачно семејство, на Силваните. Покрај тоа што натписите го споменуваат како македонијарх, тој има и титула ‘прв во провинцијата’, како најголема чест во римската провинција Македонија. Исто така, во третиот ред на театарот во Стоби има голем натпис ‘На Силван’, односно резервиран простор за седење помеѓу седиштата на најзначајните луѓе во градот. Натписот е од неговите внуци или правнуци Сетимиј и Хелвијан“, кажа Павловски.

    Археолошките истражувања на театарот се одвиваа кај надворешниот циркуларен коридор во кој публиката влегувала преку влезови со арки, директно од градската улица. Оттука, гледачите продолжувале кон останатите ходници под седиштата, каде имало скали кои воделе до седиштата.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира