Светски познатиот африкански музичар Феми Кути со неговиот бенд „Позитив форс“ на 7 јуни во 21 часот ќе настапи заедно со Македонската филхармонија, во Градскиот парк во Скопје. Настанот, со кој Филхармонијата го означува крајот на официјалната концертна сезона, е насловен „Филхармонија на отворено“ и е продолжение на мултимедијалниот настан „Види музика, слушни слика“ кој десет години беше еден од најомилените и најатрактивни настани за македонската публика.
Годинава концептот е променет, па така Филхармонијата заедно со Младинскиот културен центар, киното Милениум и Град Скопје организираат два настани во паркот.
„Кога дојдов на функцијата в.д. директор на Филхармонијата, немаше пријава за настанот ‘Види музика, слушни слика’ за конкурсот на Министерството за култура, и затоа со Градот Скопје одлучивме да одиме со поинаков концепт“, рече денеска Виктор Илиески.
За утре во 22 часот е најавен настанот „Кино на отворено“, на кој ќе биде прикажан повеќенаградуваниот македонски филм „Исцелител“ на режисерот Ѓорче Ставрески.
„По големата европска турнеја, Кути со неговиот бенд доаѓаат во Скопје и првпат неговата музика ќе звучи со симфониски оркестар. Публиката ќе има можност да слушне музика во која се соединуваат афро-ритмите со џезот и класичната музика“, рече Илиески.
Кути во Македонија доаѓа по 14 години, по настапот на Скопскиот џез фестивал, и како што рече, изведбата со голем симфониски оркестар му е како исполнување на сон. Ќе диригира Џијан Емин, кој направи и специјални аранжмани на композициите.
„Првпат работам со симфониски оркестар и тоа за мене е како бајка која се оствари. Веројатно, ова е најголемата работа што ја правам во животот. Џијан Емин ја познава мојата работа и согледа дека може музиката да звучи добро со симфониски оркестар. Затоа јас него го нарекувам брат, затоа што тој знаеше дека е ова вистинска работа, а јас сум среќен што не ја испуштив оваа ретка и прекрасна можност“, рече Кути, кој има две номинации за Греми за албумот „Африка за Африка“ во 2010.
Филип Ивановски од компанијата „Пакомак“ ѝ порача на публиката која ќе дојде на концерот да биде еколошки одговорна и по завршувањето на концертот да ги собере отпадоците и да ги селектира во кантите.
„Се надеваме дека Градскиот парк ќе биде чист“, рече Ивановски.
Б. НЕСТОРОСКА