ИВАН ПОПОВСКИ ЈА РЕЖИРА „ТРУБАДУР“ ЗА ОТВОРАЊЕТО НА МАЈСКИТЕ ОПЕРСКИ ВЕЧЕРИ

    ИВАН ПОПОВСКИ ЈА РЕЖИРА „ТРУБАДУР“ ЗА ОТВОРАЊЕТО НА МАЈСКИТЕ ОПЕРСКИ ВЕЧЕРИИван Поповски во 2017 дојде во Скопје со три негови исклучително скапи и технички комплицирани претстави, во продукција на матичниот театар „Мастеркласаја на П. Фоменко“. (Фото: СДК.МК)

    Реномираниот македонски режисер Иван Поповски ја поставува операта „Трубадур“ од Џузепе Верди, со чија премиера ќе се отворат 52. Мајски оперски вечери (МОВ) на 9 мај во Националната опера и балет (НОБ).

    Поповски речиси 30 години живее во Русија, во врвот на културната елита и постави театарски и оперски претстави кои беа оценувани со најпозитивни рецензии. Претставите на Поповски, кои руската критика ги оценува како спектакли, ги имаат добиено престижните награди „Кристален турандот“, „Музичкото срце на Русија“ и „Златен витез“ и медалот „Пушкин“.

    Уметничкиот директор на Операта, Орце Ицковски, ни рече дека пробите се во тек, Поповски работел до скоро со екипата и солистите, периодов е во Москва, но ќе се врати на крајот за две недели и ќе ја докомплетира претставата.

    „За првпат имаме можност да соработуваме со Поповски. Посебно ни е драга соработката со Иван, како наш врвен светски режисер“, ни рече Ицковски.

    Диригент ќе биде Енрико Довико (Италија), сценографијата ја работи реномираниот Миодраг Табачки од Србија, костимите Марија Пупучевска, а кореографијата Саша Евтимова.

    Во операта „Трубадур“ ќе учествуваат Зоран Сотиров, Марјан Јованоски, Сандра Митровска, Сања Анастасиа (Србија), Владимир Саздовски, Дејан Стоев, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски, Јане Дунимаглоски, како и Хорот и Оркестарот на НОБ.

    Последен пат Поповски во Македонија режираше во 2015, кога во Македонскиот народен театар ја постави претставата „Мајторот и Маргарита“ од Михаил Булгаков. Во 2017 дојде во Скопје со фестивалот „Иван се враќа дома“ со три негови исклучително скапи и технички комплицирани претстави, во продукција на матичниот театар „Мастеркласаја на П. Фоменко“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира