ИЗБРКАНИ ОД РАБОТА 30 ХОНОРАРЦИ ВО МКЦ, ЗАТВОРЕНИ СЕ ПЛАНЕТАРИУМОТ, КАФУЛЕТО И ПРОДАВНИЦАТА „АПОТЕКА“, КИНО МИЛЕНИУМ ЌЕ РАБОТИ ПОЛОВИЧНО

    ИЗБРКАНИ ОД РАБОТА 30 ХОНОРАРЦИ ВО МКЦ, ЗАТВОРЕНИ СЕ ПЛАНЕТАРИУМОТ, КАФУЛЕТО И ПРОДАВНИЦАТА „АПОТЕКА“, КИНО МИЛЕНИУМ ЌЕ РАБОТИ ПОЛОВИЧНОШаќири стана директор на МКЦ во јануари, назначен од градоначалничката Данела Арсовска. (Фото: СДК.МК)

    Триесет хонорарци денеска се избркани од Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје, а тоа значи дека во МКЦ повеќе нема да се ангажираат лица за предавања во Планетариумот, лица за реализација на програмските активности (технички лица и орагнизатори на настани), кафулето е целосно затворено, затворена е и продавницата „Апотека“, додека киното Милениум ќе работи со преполовена дејност, велат извори од МКЦ за САКАМДАКАЖАМ.МК. Одлуката е донесена од новиот директор на МКЦ Арбен-Бени Шаќири, кој на оваа функција дојде на 22 јануари, назначен од градоначалничката Данела Арсовска.

    Шаќири не одговори на нашите пораки во врска со отпуштањето на хонорарците. Сите кадри што се поставени на раководни позиции од Арсовска имаат забрана да комуницираат со медиумите.

    Во МКЦ, според нашите извори, повеќе нема да се организираат настани  сѐдо завршувањето на изборниот процес, или поточно нема да се реализираат во нормални услови или со нормален капацитет како во регуларна ситуација.

    „Одлуката е базирана врз писмо со препорака доставено до МКЦ од страна на Државната комисијата за спречување на корупцијата (ДКСК), во која се вели дека во тек на изборниот процес не смее да се склучуваат договори со кои би се злоупотребиле буџетски средства. Во суштина, договорите кои се прекинати воопшто не се поврзани со користењето на буџетските средства, туку се однесуваат на соработници кои генерираат приход и истите соработници се исплаќаат од генерираниот сопствен приход. Одлуката која ја донел директорот е еднострана и неоснована, уште повеќе штетна за институцијата која ако не работи во наредните неколку месеци, ќе се нанесе непоправлива штета на долг рок. МКЦ досега се соочил со мноштво изборни процеси во кои биле ангажирани лица согласно законските насоки. Дополнително, институцијата во 2023 е доведена во незавидна финансиска положба и без програмата која носи приход, е невозможно да се намалат милионските долгови продуцирани во толку краток период“, велат нашите извори.

    Шаќири дојде на местото на Никола Алексов, дипломиран детектив, кој беше поставен на функцијата лани во јануари откако Арсовска го разреши Ванчо Богоев. Тогаш од Програмскиот совет на МКЦ рекоа дека Богоев, кој 36 години е дел од институцијата, е сменет бидејќи не сакал да го вработи пејачот Бени Шаќири, кој на последните локални избори беше кандидат за градоначалник на Скопје на ДОМ и ЛДП. Од МКЦ рекоа дека тогашниот генерален секретар на Градот Зоран Глигоров вршел екстремни притисоци да се потпише вработување на Шаќири.

    Првиот конкурс за избор на директорската позиција распишан кон крајот на септември лани немаше никаква разврска, ниту беше поништен од Градот Скопје, а потоа во ноември се распиша повторен конкурс за истата функција по што беше назначен Шаќири.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира