ИЗЛЕЗЕ „ТАЛЕНТИ“, ПОСТХУМНА ЗБИРКА КОЛУМНИ НА НОВИНАРОТ РИСТО ПОПОВСКИ

    ИЗЛЕЗЕ „ТАЛЕНТИ“, ПОСТХУМНА ЗБИРКА КОЛУМНИ НА НОВИНАРОТ РИСТО ПОПОВСКИКнигата содржи над четириесет колумни објавувани во периодот од 2011 до 2018, што е само дел од огромниот творечки опус на Поповски. (Фото: Силсонс)

    Излезе збирката колумни „Таленти“ на Ристо Поповски, еден од најреномираните македонски новинари (1945-2018). Приредувач на книгата е сопругата на Ристо Поповски , театарската критичарка Лилјана Мазова, која финансиски го поддржа изданието во спомен на нејзиниот сопруг, ја издаде „Силсонс“ од Скопје.

    Книгата содржи над четириесет колумни објавувани во периодот од 2011 до 2018, што е само дел од огромниот творечки опус на Поповски. Покрај колумните, во книгата е и интервју со Ристо Поповски, како претседател на Отворениот програмски совет на Цивил-медија, како и повеќе обраќања на познати новинари, писатели, актери – негови соработници и пријатели кои пишуваат за неговата исклучителна личност.

    Поповски е основач на првата приватна новинска агенција на Балканот „Макфакс“ во 1992 и еден од иницијаторите за формирање на медиумската платформа на ЦИВИЛ – Центар за слобода. Познат е како голем поборник на слободата на изразувањето и медиумските слободи, демократијата и човековите права.

    Новинарската кариера ја започна во Радио Скопје каде работи во периодот од 1965 до 1974, а потоа продолжи во новинската агенција Танјуг, првин како новинар, а потоа и како шеф на македонската редакција. Бил дописник на Танјуг и од Москва (тогашен Советски сојуз) на почетокот на 1990-тите години. Поповски пишуваше за повеќе македонски медиуми, а редовно објавуваше коментари и за информативната мрежа „Ал Џазира“.

    Добитник е на наградата за животно дело „Крсте Мисирков“ на Здружението на новинарите на Македонија. „Таленти“ е достапна во сите книжарници на „Матица“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира