Израелскиот поет, романописец и есеист Амир Ор е годинашен добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата (СВП), соопшти фестивалот. Наградата на Ор ќе му биде врачена на поетското читање „Мостови“, еден од централните настани на фестивало што годинава е предвидено да се одржи од 26 до 31 август.
Во образложението на одлуката, проф. д-р Елизабета Шелева, претседателка на Управниот одбор на СВП, вели: „Поезијата на Амир Ор е впечатлива, приемчива, поезија која не му дозволува на читателот да остане рамнодушен, изобилно натопена со својот сочен, свеж, императивен јазик, со танцувачкиот динамичен ритам на стихот, со комплексните, емоционални и духовни немири, изнедрени ‘директно од бедрото’“.
Ор е водечки израелски поет, писател и есеист, познат како главниот глас на новата генерација од светската книжевност. Автор е на 13 збирки поезија, од кои најнови се: „Плен“избрани песни 1977-2013 (2013), „Крилја“ (2015) и „Дете“ (2018). Неговите песни се преведени на 50 јазици и биле објавени во поетски списанија, антологии и книжевни веб-страници, како и во 33 книги низ Европа, Америка и Азија.
„Не можам да искажам колку возбуда и задоволство ми причини веста за добивањето на наградата Златен венец. Струга е преплетена во моето поетско патување над 20 години, откако мојата книга ‘Давејќи се, дишам жива вода’ беше објавена во едицијата ‘Плејади’ во 2000 година, долги години пред мојата избрана поезија да биде објавена на српски или бугарски јазик. Кога се враќам во Струга и Охрид, знам дека сум помеѓу луѓе кои читаат поезија, луѓе со префинет вкус за поезија, кои имаат потреба за почит кон уметноста на поезијата“, вели Ор во писмото до јавноста.