ИЗВИСИ НОВАТА СЦЕНА ЗА ТЕАТАРОТ ЗА ДЕЦА И МЛАДИНЦИ ОТИ НЕ СЕ РЕНОВИРА УНИВЕРЗАЛНА САЛА

Актери постојано апелираат дека им треба нов простор, нова опрема, бидејќи, како што велат, „ние си го обожаваме просторот, наш е и прекрасен, но не можеш на 10-годишно дете кое има 'ајфон' да му создаваш магија така што рачно ја влечеме завесата“.

    ИЗВИСИ НОВАТА СЦЕНА ЗА ТЕАТАРОТ ЗА ДЕЦА И МЛАДИНЦИ ОТИ НЕ СЕ РЕНОВИРА УНИВЕРЗАЛНА САЛАСо одлука на Владата Театарот е формиран на 2 февруари 1990, а првпат ги крена завесите пред публиката во Скопје на 25 март 1990. (Фото: СДК.МК)

    Со нереновирањето на Универзалната сала, виси и шансата на Театарот за деца и младинци (ТДМ) конечно да добие нов простор. Триесет и две години ентузијатистичкиот тим на Театарот создава магија на малата сцена во просторот во строгиот центар на Скопје, и никако да стигне на ред да добие нов простор.

    „За да дојде публика во големите театри, прво треба да научи тука да доаѓа. Ние создаваме публика, а сме единствен театар без чиги“, велат актерите од еден од најомилените објекти на македонската публика.

    Со одлука на Владата е формиран на 2 февруари 1990, а првпат ги крена завесите пред публиката во Скопје на 25 март 1990.

    Сите актери на секоја прес-конференција за нова премиера апелираат дека им треба нов простор, нова опрема, бидејќи, како што велат, „ние си го обожаваме просторот, наш е и прекрасен, но не можеш на 10-годишно дете кое има ‘ајфон’ да му создаваш магија така што рачно ја влечеме завесата“.

    Изминативе години се сменија многу министри за култура и заменици, меѓу нив и Владимир Лазовски кој е актер во ансамблот на овој театар, а повеќето ветуваа и најавуваа и нови опреми,и конечно решавање на вечниот проблем, нов простор.

    „Сѐ е кажано, сѐ кажавме и теоретски се нафаќаат, имаше и предлози, и конкурс, разноразни муабети, секогаш треба посебна локација, наменска само за културни објекти. Најблиску бевме до чекор на реализација кога претходниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов сакаше да се споиме со Универзална сала. Се работеше за нов проект со сосема посебни влезови, од страна, со посебни сцени, немаше да се мешаат звуците ако во исто време има и концерт и претстава. Се смени локалната самоуправа и така остана од многу причини. Можам да имам разговори со политичарите, со министрите на таа тема, но сите кога ќе дојдат ни викаат: ‘Ама, многу ви е убаво тука’“, ни рече директорката Катаринa Илиевска-Силјановска.

    Но, ниту Град Скопје ја прави Универзална сала, ниту пак Владата ја презема. Пред еден месец од Владата беше најавено дека ќе се одземат ингеренциите за концертната сала на Град Скопје, бидејќи градоначалничката Данела Арсовска од доаѓањето на функција не ја прави. Но, оттогаш работите не се помрднати од место, па салата скапува, отворена и разурната.

    Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска заедно со министерот за локална самоуправа Ристо Пенов на 16 ноември имаа средба со градоначалничката Арсовска околу преземањето на ингеренциите. Но, оттогаш работите не се мрднати од место. Костадиновска-Стојчевска чека Арсовска да ѝ достави информации, а градоначалничката тоа не го прави.

    „Откако имавме состанок јас и министерот Пенов со градоначалничката Арсовска, испративме барање за информација до градоначалничката до каде е состојбата со Универзална сала, дали воопшто има некакво движење и активности таму. Но, до ден денес немаме добиено никаква повратна информација. Град Скопје е влезен во најтесниот круг за добитник за наградата Европска престолнина на културата за 2028 година, а токму Универзална сала се јавува како апликант на тој конкурс. Апелирам, и после празниците ќе иницирам нов состанок со градоначалничката Арсовска, бидејќи мораме заедно и Град Скопје и Министерството за култура, а и Владата да работиме на таа апликација, на таа програма бидејќи е од национален интерес“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција во Владата за буџетот на Министерството на 23 декември.

    САКАМДАКАЖАМ.МК изминатава година неколку пати пишуваше дека симболот на Скопје стои разурнат и нема абер да се продолжи реконструкцијата за која се обезбедени пари. Арсовска не ни одговараше на нашите прашање зошто не ги продолжува градежните работи почнати од нејзиниот претходник Петре Шилегов. Таа лани пред Универзална сала се искара со проектантите и претставниците од Асоцијацијата на архитекти (ААМ). Обвини дека проектот не бил безбеден, а проектантот тврдеше дека тој е направен според сите стандарди и одобрен од ИЗИИС.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира