Македонската филхрамонија ја заврши двонеделната турнеја во Кина, каде одржаа седум концерти во седум градови. Оркестарот, под диригентство на Јерухам Шаровски од Израел настапи во нови концертни сали во градовите Хохот, Таијуан, Тангшан, Женгжу, Хенгшуи, Хефеи и Донггуан.
Македонските музичари се претставија со популарна програма: Kонцертот број 1 за пијано и оркестар од Чајковски, кој го изведувал Хају Жанг од Кин, како и дела од Гершвин, Бизе, Глинка и Штраус. Како солисти настапиле и кларинетистите Александер и Даниел Гурфинкел, познати како Дуо Гурфинкел.
Турнејата „7 концерти во 7 градови во Кина“ беше на покана на големата кинеска корпорација „Полигруп“, која има 60 мултифункционални изведувачки центри и концертни сали низ целата држава.
Според директорот на Филхармонијата, Виктор Илиески, македонските филхармоничари ја одушевиле публиката и организаторите со својот позитивен дух. Особено задоволство за публиката, вели Илиески, била изведбата на валцерите и полките од Штраус.
„Отидовме во земја каде се негуваат различни културни традиции, во градови каде што нема музички оркестри и училишта, но каде што има публика која сака да слуша европска музика. Кинеската публика најмногу реагираше на ‘Радецки марш’ и ‘На убавиот син Дунав’, сакаше да има интерактивен однос со музичарите, да разговара со нас, да се фотографира. Среќни сме што ова беше само почеток на еден голем раст на Македонската филхармонија“, вели концерт-мајсторот, виолинистот Владимир Костов.
Продуцентката на Филхармонијата, Роза Нолчева најави дека првиот концерт во новата година е „Слободен и среќен“ на 24 јануари со солистката на труба Лусјен Ренодин-Вари од Франција и Петер Ференец од Словачка како диригент.
Б. НЕСТОРОСКА