ЈАЗИКОТ СЕ ЧУВА СО ГОВОРЕЊЕ И ТВОРЕЊЕ – ОТВОРЕНИ 65. СТРУШКИ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТА

    ЈАЗИКОТ СЕ ЧУВА СО ГОВОРЕЊЕ И ТВОРЕЊЕ – ОТВОРЕНИ 65. СТРУШКИ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТАГодинешна лауреатка на Златниот венец е холандската поетеса Анеке Брасинга. (Фото: СВП)

    Со стиховите на „Т’га за југ“ од Константин Миладинов и палењето на фестивалскиот оган во Струга беа свечено отворени 65. Струшки вечери на поезијата (СВП). Фестивалот, чија годинешна лауреатка на Златниот венец е холандската поетеса Анеке Брасинга, ги обединува најзначајните поетски имиња од светот, испрати порака за моќта на зборот да ги надмине границите, разликите и времето. Во присуство на поети, книжевници, дипломати и љубители на литературата, беше нагласено дека Струга останува место на духовно поврзување меѓу народите и дом во кој поезијата продолжува да живее и да обединува.

    Претседателката и покровителка на фестивалот, Гордана Сиљановска-Давкова, во говорот рече дека Струга е дар за сетилата и мелем за душата, најпоетскиот град кој веќе 65 години ги поврзува светските поети и љубителите на убавиот збор. Струга, како што рече таа, видела и неа ја виделе многубројни врвни учесници и лауреати на Златниот венец, поетски роднини на Григор Прличев.

    „Нивните имиња се посеани во Паркот на поезијата, заедно со засадените дрвја, како верни сведоци на безграничноста на поезијата. Благодарение на нив и на неа, ја победуваме ефемерноста на настаните и нештата што нѐ вознемируваат и нервираат со вечноста на духот. И годинава, овде во Домот на поезијата ‘Браќа Миладиновци’, сведочиме за едноставноста и скромноста на маговите на зборот, кои рецитираат небаре водат битка на живот и смрт, нѐ тревожат или галат, отвораат универзуми, нѐ соочуваат со болните вистини, нѐ фрлаат или спасуваат од водите на Дрим, небаре јагули желни за Саргасовото Море, нѐ учат и поттикнуваат на непокор, слобода, пркос, чувствителност и мудрост. Поезијата сѐ уште има моќ да го менува, па и да го спаси светот и покрај наездата од алгоритми и сурова вештачка интелигенција. Уметноста е буревесник, а книжевноста била и останува да биде не само естетски, туку и општествен бунт“, рече Сиљановска-Давкова.

    На јубилејното 65. издание на СВП, кое годинава се одржува под мотото „Каде што живее поезијата“и ќе трае до 29 јуни, учествуваат околу 70 поети, книжевни критичари, преведувачи и литературни работници од земјава и од странство. (Фото: СВП)

    Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков рече дека Струга повторно станува место каде што зборот ја надминува својата книжевна форма и добива сила на духовен настан.

    „Тежината на оваа манифестација не лежи во нејзиното времетраење, туку во влијанието што го оставила врз современата светска поезија“, рече Љутков.

    Директорот на СВП, Никола Кукунеш, предупреди дека во времето на дигиталната глобализација малите јазици се соочуваат со сериозни предизвици за својот опстанок. Според него, брзиот технолошки развој и доминацијата на големите јазици претставуваат закана за јазичната разновидност и за зачувувањето на културните особености на малите народи.

    „Големите јазици, носени на крилјата на технологијата, се сериозна закана за малите јазици, кои водат лавовска битка да си го сочуваат здивот. Со гаснењето на еден мал јазик, не исчезнуваат само неколку илјади зборови од некој речник. Умира еден уникатен начин на кој се набљудува светот. Се брише една уникатна нијанса на залезот, која само на тој јазик може да се именува, испаруваат една специфична тага и една автентична радост. Не верувам дека постои несогласување околу фактот дека малите јазици се чувари на уникатните кодови поврзани со душата кои, доколку исчезнат, ниту еден голем јазик нема да може да ги преведе, замени или надомести“, кажа Кукунеш и нагласи дека зачувувањето на јазикот не е можно без негово секојдневно користење, творење и присуство во современите комуникациски и дигитални простори.

    На јубилејното 65. издание на СВП, кое годинава се одржува под мотото „Каде што живее поезијата“и ќе трае до 29 јуни, учествуваат околу 70 поети, книжевни критичари, преведувачи и литературни работници од земјава и од странство. Покрај добитничката на Златниот венец Брасинга, и лауреатот на наградата „Мостови на Струга“, британскиот поет Даниел Хајндс, во фестивалската програма се вклучени и истакнати автори од Македонија, Грција, Турција, Мексико, Шпанија, Кина, Италија, Монголија и од други земји, потврдувајќи го меѓународниот карактер и углед на оваа значајна поетска манифестација.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира