СРЕЌНА СУМ ШТО МОИТЕ ПЕСНИ СЕ ПРЕВЕДЕНИ И НА МАКЕДОНСКИ, РЕЧЕ ВЕНЦЕНОСКАТА АНЕКЕ БРАСИНГА ПРЕД ОТВОРАЊЕТО НА 65. СТРУШКИ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТА

    СРЕЌНА СУМ ШТО МОИТЕ ПЕСНИ СЕ ПРЕВЕДЕНИ И НА МАКЕДОНСКИ, РЕЧЕ ВЕНЦЕНОСКАТА АНЕКЕ БРАСИНГА ПРЕД ОТВОРАЊЕТО НА 65. СТРУШКИ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТАВештачката интелигенција е само начин на форматирање, како недопечен леб, затоа што ви ја одзема играта, онаа игра преку која го учите и го чувствувате јазикот, јас сум многу старомодна, не возам ни автомобил, па за мене е неверојатно колку галама се крева околу тоа, рече Брасинга на прес-конференцијата во Струга. (Фото: СДК.МК)

    Под мотото „Каде што живее поезијата“, денеска во Струга започнува јубилејното 65. издание на Струшките вечери на поезијата (СВП), една од најзначајните и најреномирани поетски манифестации во светот. Фестивалот, чиј покровител е претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, ќе трае до 29 јуни и ќе собере околу 70 поети, критичари, преведувачи и литературни дејци од земјава и странство.

    Традиционално, манифестацијата започнува со садење дрво во Паркот на поезијата и поетско читање во чест на добитникот на највисокото фестивалско признание Златен венец, кој за 2026 година го доби холандската поетеса Анеке Брасинга.

    „Навистина бев трогната од вниманието. Јас сум првиот холандски поет што ја добива оваа награда и тоа ми претставува голема чест, а со тоа ѝ се оддава признание и на холандската поезија. Многу поети од други култури се преведени на холандски јазик, Данте, Шекспир, Чехов. Како мала јазична заедница, ние отсекогаш сме се хранеле со она што се создава на другите јазици. Таквата размена носи една космополитска слобода“, рече лауреатката Брасинга на денешната прес-конференција.

    Таа кажа дека поетските фестивали, како што се Струшките вечери на поезијата, имаат одек што трае долго и по нивното завршување.

    „Секој израз, секој показател на нашата свест како човечки суштества на универзалниот јазик е неопходна за опстанокот на цивилизацијата. Дел од мојата поезија е преведен на вашиот јазик и ќе биде објавен овде, во Македонија, што ме исполнува со голема радост и благодарност, бидејќи претставува природен развој на еден поетски простор. Поезијата е храна за душата“, рече Брасинга.

    Прашана за влијанието на вештачката интелигенција врз поезијата и преведувањето, лауреатката не го криеше својот скептицизам, оценувајќи дека суштината на поезијата е во живиот однос кон јазикот и во играта со зборовите, нешто што, според неа, машините не можат да го заменат.

    „Кога пишувам и преведувам, гледам како одредени зборови биле употребувани и преведувани уште во 18 век. Само така може да се одмери и правилно да се употреби еден збор. Вештачката интелигенција е само начин на форматирање, како недопечен леб, затоа што ви ја одзема играта, онаа игра преку која го учите и го чувствувате јазикот. Јас сум многу старомодна, не возам ни автомобил, па за мене е неверојатно колку галама се крева околу тоа“, рече 78-годишната Брасинга.

    Таа откри дека една од нејзините книги била преведена со помош на ЧетГПТ, но дека резултатот, според неа, бил незадоволителен.

    „Видов што е направено и тоа беше полно со глупости. Се надевам дека сето тоа ќе исчезне“, рече Брасинга.

    Директорот на СВП, Никола Кукунеш, рече дека иако македонската книжевност доаѓа од мал јазичен простор, таа успева да се наметне на пошироката европска поетска сцена.

    „Македонската поезија и литература, иако доаѓаат од помали јазични заедници, успеваат да се наметнат и да се растресат во поширокиот контекст на европската поетска сцена. Тоа е мотив и потврда дека и малите јазици можат да создаваат големи нешта на отворената светска сцена. Годинава фестивалот доаѓа во малку поинаков формат, со повеќе настани во однос на претходните години, со што се обидуваме да ја вратиме славата и големината на Струшките вечери на поезијата какви што биле некогаш. Верувам дека преку повеќе од 40. настани и 14. нови изданија ќе оставиме вредности кои ќе продолжат да живеат и во иднина“, кажа Кукунеш.

    Уметничкиот раководител на фестивалот, Мите Стефоски, кажа дека претставува вистински предизвик да се преведе творештвото на еден од најплодните и најзначајни преведувачи од англиски и германски на холандски јазик кој, иако е мал јазик, поседува исклучително чувство за поетското творештво.

    „Малите јазици ќе постојат сè додека на нив се пишува и се создава“, рече Стефоски.

    Свеченото отворање ќе се одржи вечерва во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“, по што ќе следува меѓународното поетско читање „Поетски меридијани“.

    Годинашното издание, кое се одржува во нов термин наместо како што е долгогодишна пракса во втората половина на август, е подигнато на повисоко организациско ниво, ќе трае ден подолго од претходните години и го враќа форматот на професионален фестивал. Програмата опфаќа бројни меѓународни поетски читања, промоции на 14 изданија на Националната установа Струшки вечери на поезијата, средби со издавачи и литературни агенти, како и традиционалните манифестации „Ноќи без интерпункција“ и „Матине“.

    Покрај лауреатката Анеке Брасинга, годинашното издание ќе го одбележи и присуството на британскиот поет Даниел Хајндс, добитник на наградата „Мостови на Струга“, како и на истакнати поети од Македонија, Грција, Турција, Бугарија, Австралија, Албанија, Холандија, Италија и други земји.

    И оваа година, градот на мостовите ќе биде место каде што поезијата ги поврзува културите и народите, а зборот станува универзален јазик на пријателство и разбирање.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира