Јубилејното 65. издание на Струшките вечери на поезијата (СВП) ќе се одржи во јуни, наместо како што е долгогодишна пракса да се одржува во втората половина на август. Свеченото отворање е на 24 јуни во 20:30 часот, во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга.
Од Фестивалот па преку соопштение на социјалните мрежи поконкретно ги наведоа причините зошто јубилејното издание ќе се одржи од 24 до 29 јуни.
„И најмалку упатените во историјатот на манифестацијата Струшки вечери на поезијата знаат дека идејата за нивно почнување тргнува од желбата да се одбележи 100 годишнината од објавувањето на ‘Зборникот на народни умотворби’ од браќата Миладиновци, објавен на 24 јуни 1861 година во Самобор, во близина на Загреб, Хрватска. Тоа значи дека датумот на отворањето се поврзува со мегазначаен јубилеј – 165 години од објавувањето на ‘Зборникот’. Тоа би била совршено добра причина, но не е само тоа.
Во текот на своето постоење фестивалот, во неколку наврати, го менувал датумот, прилагодувајќи се на можностите и условите. Така е и сега. Чувствуваме дека ни е потребна нова и помасовна публика на почетокот од туристичката сезона, а не на крај, кога и стружани масовно заминуваат на одмор“, вели Фестивалот и додава дека во јуни се поевтини сите варијанти за превоз и за сместување, како и дека од организациски аспект, крајот на август не овозможува носење еминентни поети и професионални гости од странство, затоа што за нив веќе почнала академската година. Тоа е причина што често ги откажуваат или воопшто не ги прифаќаат поканите за учество.
„Каде што живее поезијата“ е годинашното мото на СВП, а холандската поетеса Анеке Брасинга е добитничка на Златниот венец за 2026.
Од СВП велат дека големи поетски фестивали се во јуни, како Берлинскиот поетски фестивал, Поетри Интернешенел во Ротердам, Поетскиот фестивал во Бремен. На крајот од јуни нема други фестивали освен македонскиот, така што големи поетски имиња од други континенти се присутни на тлото на Европа и обезбедување превоз за нив е возможно и остварливо, без, како што вели организаторот, да се оптоварува и така кревкиот буџет.
„Сместувањето, престојот и одржувањето на низа програмски делови е достоинствено, кога во хотел ‘Дрим’ нема свадби, што не е случај кон крајот на август. Имено, хотелот е изграден за потребите на СВП и ги поседува сите неопходни услови за сите наши активности. Ова се само најсуштинските причини кои придонесоа фестивалот да биде поместен во нов термин“, додава орханизаторот.
Годинашното издание ќе биде подолго за еден ден, споредено со претходните неколку години. Во делот на издавачката дејност на СВП, 14 наслови ќе бидат промовирани во текот на фестивалот.
Пет книги влегоа во потесниот избор на годинашниот конкурс за наградата „Браќа Миладиновци“, што ја доделуваат Струшките вечери на поезијата. Во финалниот избор се најдоа „Меко трње“ од Марија Ангеловска, „Во куќата“ од Николина Андова-Шопова, „Длабок простор“ од Зоран Анчевски, „Првата ноќ и вториот рај“ од Сузана В. Спасовска и „Болна земја“ од Братислав Ташковски. Жири-комисијата ги избра од вкупно 35 автори и 37 поетски книги. Добитникот на наградата ќе биде објавен на 26 јуни, а наградената книга, покрај парична награда, ќе добие и превод на англиски јазик, промоција и авторски портрет на следното фестивалско издание.
Б. НЕСТОРОСКА



