Јубилејното 40. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ ќе се одржи од 14 до 21 септември во Битола.
Директорката на фестивалот, Гена Теодосиевска вели дека се одлучиле да го поместат порано фестивалот бидејќи секоја година се совпаѓал со филмскиот фестивал во Сан Себастијан во Шпанија и голем број на светски филмаџии морале да прават компромис помеѓу двата фестивала.
Теодосиевска најави дека под мотото „Првите 40…“ јубилејот ќе биде прославен со богата програма, со ретроспектива на македонски и европски филмови, како и со отворање на два нови простора за кинопроекции.
Теодосиевска и уметничкиот директор Благој Куновски-Доре на денешната прес-конференција говореа за меѓународната награда на Меѓународната асоцијација на кинематографери ИМАГО за исклучителен придонес за филмската уметност за ИФФК „Браќа Манаки“, која им беше врачена на 16 март во Белград.
„За нас оваа награда е на ниво на Оскар, дури и повеќе од Оскар“, рече Куновски-Доре.
ФЕСТИВАЛОТ „БРАЌА МАНАКИ“ ЈА ДОБИ МЕЃУНАРОДНАТА НАГРАДА НА ИМАГО
Б. НЕСТОРОСКА