„КАЈМАК“ НА МАНЧЕВСКИ НАГРАДЕН ОД ФИЛМСКАТА КРИТИКА НА ФЕСТИВАЛОТ ВО ХЕРЦЕГ НОВИ

    „КАЈМАК“ НА МАНЧЕВСКИ НАГРАДЕН ОД ФИЛМСКАТА КРИТИКА НА ФЕСТИВАЛОТ ВО ХЕРЦЕГ НОВИНа свеченоста, покрај Манчевски, присуствуваа и актерите Александар Микиќ и Ана Стојановска.

    Кајмак” на Милчо Манчевски освои Специјално признание на жирито ФЕДЕОРА (Федерација на филмски критичари од Европа и Медитеранот) на затворањето на Меѓународниот фестивал во Херцег Нови, Црна Гора. На свеченоста, покрај Манчевски, присуствуваа и актерите од филмот Александар Микиќ и Ана Стојановска.

    Филмови не се прават за награди, ама вакво признание е потврда за вложениот труд и талент на целата екипа”, изјави Манчевски.

    Деновиве се појави нова рецензија за „Кајмак” во американските медиуми.

    „Манчевски вградува повеќе значење во Кајмак отколку што би имало во една обична секси лудорија, истражувајќи ги и императивот да се биде родител и еластичните граници на моногамијата. Сите улоги во Кајмак се одлични. Ликовите имаат многу секс, ем радосно откачен, ем грешен до наежување. Филмот е многу смешен, а Манчевски дури и слатко им намигнува на шпагети вестерните на Серџо Леоне“, вели „Муви гурме”.

    Кајмак“ ја имаше американската премиера на 33. издание на Синеквест во Калифорнија, еден од најголемите и најреномирани независни фестивали на американскиот континент. Во почетокот на септември, „Кајмак“ ќе биде прикажан на уште три фестивали: i-Fest во Калабрија (Италија), каде што ќе има и ретроспектива на опусот на Манчевски, Балкан панорама во Измир (Турција) и „Avant&Una“ во Бихаќ (БиХ).

    Кајмак” е еден од македонските филмови кои имаат најширок пласман во светот. Продаден е за редовна дистрибуција во педесетина земји од Европа, Северна Америка, Јужна Америка, Централна Америка и Кариби. Светската премиера ја имаше на фестивалот во Токио.

    Филмот ја освои Специјалната награда на жирито на Фантаспорто во Португалија, а Сара Климоска беше прогласена за најдобра актерка на фестивалот во Сомбор, Србија. „Кајмак“ беше најгледаниот филм во Македонија минатата година.

    Во оваа македонско-данско-холандско-хрватска копродукција поддржана од Еуримаж главните улоги ги толкуваат Сара Климоска, Александар Микиќ, Камка Тоциновски, Ана Стојановска, Сара Спировска, Филип Трајковиќ и Петар Мирчевски. Директор на фотографија е Данецот Улрик Боел Бенцен, монтажер Холанѓанецот Емил Нуненга, музиката е на Данскиот гудачки квартет и Игор Василев-Новоградска, дизајнер на продукцијата е Британецот Дејвид Манс, дизајнер на шминка Италијанецот Марио Микисанти, а кастинг директорка е Милка Анчевска. Продуцент е Јане Ќортошев, а копродуценти Мета Фолдагер, Мете Борч, Синиша Јуричиќ и Елс Вандеворст. Извршен продуцент е Ијан Прајор.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира