„Кајмак“, седмиот филм на Милчо Манчевски, ја освои Специјалната награда на жирито на фестивалот Фантаспорто во Порто, Португалија. „Кајмак“ беше во селекцијата Недела на режисерите на 43. издание на фестивалот, и како еден од наградените филмови имаше специјална дополнителна проекција на затварањето на Фантаспорто.
Победник на Фантаспорто е белгискиот филм „Мегаломан“ на Карим Оелхај.
Португалскиот културен магазин „Лаксанте“ го оценува „Кајмак“ со четири ѕвезди и пишува: „Манчевски повторно создава моменти на голема емоционална и скулптурална убавина, со прекрасна фотографија која успева да го одржи формалното единство без оглед на тоа дали делува во комичниот или во драмскиот регистар. Резултатот е екстремно хуман и прекрасен филм, ама истовремено и филм што е искрен и сиров. Уште еден пример за големината на кинематографијата на Милчо Манчевски“.
Oва е најнова награда за Манчевски кој има освоено над 60 меѓународни награди и признанија во досегашната кариера. Меѓу нив се и Златен лав во Венеција, Номинација за Оскар, Индепендент спирит (САД), ФИПРЕСЦИ (награда на меѓународната асоцијација на критичари), Давид ди Донатело (Италија), Сребрен Кондор (Аргенитна), Сребрена Палма во Валенција (Шпанија), Најдобра режија на Реинденс (Лондон), Најдобар филм на Синеквест (Калифорнија), ФЕДЕОРА (награда на медитеранската критика) Филм на годината во Турција, Најдобар филм на фестивалот во Сао Пауло (Бразил), Награда 11. Октомври, Гран при во Санкт Петерсбург (Русија), Почесен докторат од ВГИК (Русија), итн. Најраните награди што ги има освоено за неговите филмски остварувања се на фестивалот Белград Алтернативи (за експериментален филм) во 1984 и Најдобар рап спот на МТВ во 1991.
„Кајмак“ е македонско-данско-холандско-хрватска копродукција во соработка со МРТВ, а поддржана од Еуримаж. Главните улоги ги толкуваат Сара Климоска, Александар Микиќ, Камка Тоциновски, Симона Спировска, Ана Стојановска, Филип Трајковиќ и Петар Мирчевски. Продуцент е Јане Ќортошев, директор на фотографија Улрик Боел Бенцен, дизајнер Дејвид Манс, монтажер Емил Нунинга, музиката е на Дејниш стринг квартет и Игор Василев-Новоградска, кастингот е на Милка Анчевска, а маската на Марио Микисанти.
Филмот, црна комедија и критика на малограѓанскиот морал и на конзервативните тенденции во општеството, беше најгледан филм во Македонија во 2022, а светската премиера ја имаше на филмскиот фестивал во Токио.