„КАЈМАК“ НА МАНЧЕВСКИ ЗА 10 ДЕНА ВО КИНО ИМА 13.000 ГЛЕДАЧИ ВО 30 ГРАДОВИ ВО ЗЕМЈАВА

    „КАЈМАК“ НА МАНЧЕВСКИ ЗА 10 ДЕНА ВО КИНО ИМА 13.000 ГЛЕДАЧИ ВО 30 ГРАДОВИ ВО ЗЕМЈАВААктерот Александар Микиќ и актерската екипа беа на свечената премиера и во Битола. (Фото: Продукција Кајмак)

    „Кајмак“, новиот филм на Милчо Манчевски, има 13.000 гледачи низ цела Македонија за 10 дена прикажување, соопшти продукцијата и додаде дека наскоро ќе почне да игра во Грција, Данска, Хрватска, Кипар, Србија, Тајван и САД, а во преговори се повеќе земји.

    По гала премиерата во Македонската филхармонија на 16 ноември, каде доби неколкуминутни стоечки овации, „Кајмак“ почна истовремено да се прикажува низ целата држава, и тоа во Гостивар, Пробиштип, Делчево, Кавадарци, Крива Паланка, Куманово, Виница, Крушево, Струмица, Македонска Каменица, Тетово, Дебар, Берово, Неготино, Богданци, Кратово, Радовиш, Струга, Кичево, Охрид, Свети Николе, Прилеп, Штип, Битола, Пехчево, Гевгелија и Скопје.

    „Сакаме секој да има можност да го види филмот во кино. Не е исто дали го гледате на мал или голем екран, сам или во друштво. Покрај тоа, Македонија не е само Скопје“, вели режисерот Манчевски.

    Продукцијата вели дека киноприкажувањето на „Кајмак“ стана настан на сезоната.

    „Во многу градови со ‘Кајмак’ има кинопроекција првпат по многу години – Пробиштип, Пехчево, Делчево… Со филмот се отвори новото кино во Крушево, а во Свети Николе филмот се прикажува дури во две кина истовремено. Се пробија многу граници за киноприкажување и тоа е особено важно, оти станува збор за македонски филм во време на практично замрена киноприкажувачка дејност во земјата. Продуцентите организираа гостување на екипата и премиера и во Битола, а во Милениум екипата одржа разговор пред публиката, каде, покрај другите љубители на филмот, имаше и бројни студенти. И покрај сите напори на продуцентите и на дистрибутерите, ‘Кајмак’ не се прикажува во Велес, па велешани одат во Скопје, Штип и Свети Николе да го видат филмот“, велат од продукцијата.

    Денеска, по повод роденденот на киното Синеплекс во Скопје, билетите за „Кајмак“ ќе чинат 150 денари, а поради големиот интерес, „Кајмак“ ќе се прикажува во 5 термини: од 18 часот, 19 часот, 20:15 часот, 21:15 часот и од 22:30 часот.

    „Кајмак“ имаше светската премиера и три распродадени проекции на Токискиот фестивал на крајот на октомври. Реакцијата на јапонската публика беше извонредна, а весникот „Џапан тудеј“ го нарече филмот „мрсна сатира“. „Кајмак“ беше прикажан и на Филмскиот фестивал „Златен коњ“ во Тајпеј, Тајван. По двете преполни проекции и едночасовни редици на публиката за автограм од македонскиот режисер, следеа сесии разговори со публиката.

    „Кајмак е љубовна приказна за возрасни, црна комедија за две семејства кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот. Филмот е безмилосна критика на малограѓанското лицемерие и апотеоза на индивидуалната слобода.

    Филмот е копродукција на четири држави. 53% од буџетот доаѓа од странски извори – од филмските фондови на Данска, Холандија, Хрватска и европскиот фонд Еуримаж. 36% се од Македонската агенција за филм. Остатокот од поддршката дојде од Македонската радио-телевизија, која е копродуцент на филмот, и од фирми и поединци.

    По сценарио и режија на Манчевски, во филмот играат Александар Микиќ, Сара Климоска, Симона Спировска, Камка Тоциновски, Ана Стојановска, Филип Трајковиќ, Петар Мирчевски, Сашка Димитровска, Лазе Манасковски, Јасмина Василева, Дејан Лилиќ и други. Македонски продуцент на филмот е Банана филм, со продуцентот Јане Ќортошев. Продукциски дизајнер е Дејвид Манс од Англија, директор на фотографија е Данецот Улрик Боел Бенцен, монтажер Емил Нунинга од Холандија, дизајнер на звукот Херман Пиете, кастинг директор Милка Анчевска, костимограф Жаклина Крстевска, а дизајнер на шминка е италијанската легенда Марио Микисанти. Музиката е на култниот „Дејниш стринг квартет“, а дополнителната музика на Игор Василев-Новоградска.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира