КАТИНА ИВАНОВА БЕШЕ БОРЕЦ, НЕПОКОР, К’НЕ И ДРУГАРИШТЕ, КАЖА РЕЖИСЕРКАТА ЗОЈА БУЗАЛКОВСКА НА КОМЕМОРАЦИЈАТА ВО МНТ

    КАТИНА ИВАНОВА БЕШЕ БОРЕЦ, НЕПОКОР, К’НЕ И ДРУГАРИШТЕ, КАЖА РЕЖИСЕРКАТА ЗОЈА БУЗАЛКОВСКА НА КОМЕМОРАЦИЈАТА ВО МНТИванова беше праведна, секогаш фер и другариште со карактеристична, гласна и длабока смеа, рекоа колегите на комеморацијата. (Фото: К. Попов)

    Во чест на актерката Катина Иванова, детскиот хор од „Златно славејче“ ја испеа песната „Бела чао“ на комеморацијата денеска во Македонскиот народен театар (МНТ). За Иванова, која почина на 10 август, зборуваше режисерката Зоја Бузалковска.

    „Катина имаше гласиште, и кога ќе застанеше на сцена, од тоа гласиште бликнуваше една неверојатна актерска моќ. Но, не само тоа. Нејзината, само за неа карактеристична убавина и витка става во младоста, и изгледот на вистинска дама до самото заминување, нејзината посебност и шармантност, нејзината грациозност, нејзината супериорност на сцената, нејзиниот толку богат внатрешен живот и на сето згора нејзиниот алт, сето тоа правеше да те полазат морници, што си ја добила приликата да соработуваш со неа“, рече Бузалковска и додаде:

    „Катина беше моја поддршка и потпора и во многу претстави во кои не играла, зашто беше вистински вљубеник во театарот. Таа не сакаше само да прави театар, туку и да гледа театар. Заедно со својот Чанчар, беше секаде каде што можеше да стаса. Таа беше борец, булфожер, к’не, непокор, поддршка, љубов“, кажа Бузалковска и ја опиша Иванова како праведна, секогаш фер и другариште со карактеристична, гласна и длабока смеа.

    Не е едноставно да кажете некому дека го сакате, тешко е да кажете дека ви недостига, а најтешко е да кажете некому дека го цените. Катина умееше да го прави токму тоа, рече режисерката Нина Николиќ. (Фото: К. Попов)

    На колегите, Иванова им дала поддршка во подготовката на „Иванов“ од Чехов и ѝ испратила духовита порака на Бузалковска: „Си играте со моето презиме без мене“.

    Последната претстава на која Бузалковска и Иванова соработувале е „Квартет“ од Роналд Харвуд. Режисерката го поврза сценариото на претставата со личниот живот на актерката. Иванова во претставата ја играла Сиси, оперската дива која живее во Дом за стари лица.

    „Сиси одненадеш ќе го грабнеше куферчето за да си оди дома во Индија, а кога нејзините пријатели се обидуваа да ја задржат и да ја вразумат, ми се стегаше душата. Таа сцена беше навестување на заминувањето во која Сиси, која ја играше токму Катина, прва си одеше од сцената. Но, еднаш нема да има сила да се врати, си мислев, еднаш ќе ја напушти сцената засекогаш. Прерано Сиси, прерано мама“, кажа Бузалковска.

    Актерката Ѕвезда Ангеловска се потсети на многу анегдоти со Иванова и рече оти ѝ е жал што со Катина и колегите не се виделе пред да почине.

    „Немаше да ги одиграм сите улоги да те немав тебе, најголемиот оптимист во животот и во театарот“, рече Ангеловска.

    Актерките Нина Деан и Дарија Ризова ги прочитаа телеграмите со сочувство, и говорот на актерот Ѓорѓи Јолевски, кој беше меѓу присутните во МНТ.

    „Катина имаше храброст да го каже она што повеќето од нас себично го чуваат за себеси. Не е едноставно да кажете некому дека го сакате, тешко е да кажете дека ви недостига, а најтешко е да кажете некому дека го цените. Катина умееше да го прави токму тоа. И тоа со таква едноставност, што го прифаќавме тоа како нешто вообичаено“, кажа режисерката Нина Николиќ.

    Иванова дипломирала на отсекот за драмски актери на Вишата музичка школа при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1978 година. На сцената на МНТ дебитира уште како студентка во претставите „Соблазна во Шентфлоријанската долина“ и „Славата и смртта на Хоакин Муриета“ (двете во 1976). По дипломирањето, односно од 1979 г., член е на ансамблот на МНТ, каде остварува бројни доминантни улоги во над 45 претстави меѓу кои: Канигунда во „Кандид“ (1980), Дена во „Кршалнига“ (1983), Амелија во „Погрижи се за Амелија“ (1984), Сузана во „Слободни врски“ (1984), Маријана во „Тартиф“ (1986), Мајката на младоженецот во „Малограѓанска свадба“ (1986), Соња во „Црна дупка“ (1988), Арсиное во „Мизантроп“ (1989), Тамарочка во „Валпургиска ноќ или Чекорите на командорот“ (1990), Клер во „Слугинки“ (1993), Ирина во „Лепа Ангелина“ (1995), Гатачката во „Едмонд“ (1997), Катерина Када во „Немушт јазик“ (2000), Македонка во „Балканот не е мртов“ (2001), Госпоѓа Робинсон во „Дипломец“ (2004), Пациент во „Мара/Сад“ (2008), Сопругата во монодрамата „Сребрена свадба“ (2010), Варвара Петровна Ставрогина во „Бесови“ (2011), Ноќта во „Сината птица“ (2014), Прасковја Фјодоровна во „Мајсторот и Маргарита“ (2015), како и последните улоги во „Разговори во четири очи“ (2015), Сесили Робсон во „Квартет“ (2016) и Госпоѓа Пернел во „Тартиф“ (2016).

    Снимила десетина филмови и ТВ-серии докажувајќи се како актерка со исклучителен креативен потенцијал меѓу кои се: „Оловна бригада“ (1980), „Хај-фај“ (1987), „Светло сиво“ (1993), „Ангели на отпад“ (1995), „Џипси меџик“ (1997), „Одмазда“ (2001), „Држава на мртвите“ (2002), „Наше маало“ (1999-2004) и „Бунило“ (2009).

    М. ЏАРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира